1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клинтон презеде одговорност за инцидентот во Либија

Александар Методијев/афп/миа16 октомври 2012

Американската државна секретарка Хилари Клинтон ги информираше медиумите дека ќе ја преземе одговорноста за нападот на американското дипломатското претставништво во либискиот град Бенгази.

https://p.dw.com/p/16Qbs
Фотографија: dapd

Нападот се случи минатиот месец и во него загина амбасадорот Крис Стивенс и уште тројца Американци.

„Ја преземам одговорноста“, изјави американската државна секретарка во интервју направено за време на нејзината посета на Лима. „Јас сум одговорна за персоналот од Стејт департментот – над 60.000 луѓе низ целиот свет на 275 места“, додаде Клинтон, со што таа се обиде да ја отстрани вината од претседателот Барак Обама.

Преземањето на одговорноста дојде пред вечерашната втора дебата меѓу Барак Обама и Мит Ромни. Ова прашање е едно од најсериозните обвинувања кои Ромни може да ги упати кон претседателот Обама.

Клинтон додаде дека никој повеќе од неа не сака да се дојде до вистината за нападот во Бенгази, кој првично беше оценет од Белата куќа и Стејт департментот како спонтан напад предизвикан од навредлива видео снимка за муслиманскиот пророк Мухамед, но за кој сега институциите во Вашингтон потврдуваат дека се работело за добро планиран и организиран напад.

„Го познавав амбасадорот Крис Стивенс, лично го замолив да биде во Бенгази за време на либиската револуција, и лично го номинирав за амбасадор, бидејќи не знаев за подобра личност која ќе ги претставува САД во Либија“, додаде Клинтон.

Американскиот Конгрес одржа серија седници посветена на нападот во Бенгази, во кои републиканските конгресмени се судрија со претставници на Стејт департментот за безбедноста во амбасадата. Поранешен службеник одговорен за безбедноста во Либија во Конгресот изјави дека двапати побарал засилувања за конзулатот во Бенгази, но бил одбиен. На сослушувањето беше изнесено дека мала компанија за осигурување од Британија добила вкупно 387.000 долари за да го обезбеди конзулатот во текот на една година. За тие пари компанијата Блу Маунтин ангажирала неколку вооружени и искусни обезбедувачи, но и група слабо вооружени Либијци како чувари, за кои постои сомнеж дека во еден момент дури и самите подметнале бомба во конзулатот за да добијат повеќе пари.