1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клинсман иден селектор на фудбалската репрезентација на Германија?

22 јули 2004

По извесно затишје – ненадеен пресврт во барањето нов селектор на германската фудбалска репрезентација: одеднаш во преден план изби името на поранешниот репрезентативец Јирген Клинсман. На Тур д‘Франс денеска на програмата е најтешката од етапите што водат низ алпските висови. Тенисерот Маер доби “виза” за настап на олимпијадата во Атина

https://p.dw.com/p/Aemr
Клинсман од деновите како активен фудбалер
Клинсман од деновите како активен фудбалерФотографија: AP

Многу имиња од “списокот на желбите” не беа на располагање за да го преземат кормилото на германската репрезентација – од лични причини, како Отмар Хицфелд, па донекаде и Ото Рехагел, или затоа што се врзани со договори, како можните решенија од странство Мортен Олсен и Хус Хидинк. Оние кои беа подготвени да го прифатат предизвикот, како Лотар Матеус или тренерот на Камерун Винфрид Шефер, не му беа по волја на претседателот на Германскиот фудбалски сојуз Герхард Маер-Форфелдер. На крајот, 4-члената комисија, во која е и легендарниот “фудбалски кајзер” Франц Бекенбауер, изгледа се усогласи околу 39-годишниот Јирген Клинсман, 108-кратен репрезентативец на Германија, некогашен напаѓач на Штутгарт и Баерн Минхен, кој има тренерска лиценца, но никогаш не водел клуб. Клинсман, кој кариерата ја заврши по светското првенство во Франција 1998-ма, живее во Калифорнија и води фирма за спортски маркетинг. Претседателот и генералниот секретар на сојузот веќе воделе 5-часовен разговор со него во Њујорк и може да се очекува до крајот на неделава тој и официјално да биде номиниран за селектор. “Се радувам што сојузот ја прифати мојата понуда да и‘ помогнам на репрезентацијата за светското првенство 2006-та, најважната спортска манифестација во Германија во наредните 40 години" – изјави Клинсман.

Занимливо е како е замислено целото решение: Клинсман би бил шеф на тимот, кому ќе му биде подреден тренер – се спомнува Холгер Озик, а репрезентацијата би имала и менаџер, улога предвидена за поранешниот репрезентативец Оливер Бирхоф, а не се исклучува дури ни можноста тоа да биде досегашниот селектор Руди Фелер.

Од фудбалот и информацијата дека Баер Леверкузен се пласира во полуфиналето на германскиот Лига-куп, откако со еден комбиниран состав на пенали ја елиминира Ханза Росток – во регуларниот тек беше нерешено 1 спрема 1. “Се разбира, помило ќе ни беше да не ја направевме работата толку неизвесна, но и вака е о-кеј”, вели засилувањето од Бохум Паул Фраер. Во полуфиналето Баер ќе игра против Баерн Минхен.

На велосипедската трка Тур д‘Франс решението, се чини, веќе падна: во вчерашната етапа возење на хронометар на ридска патека Американецот Ленс Армстронг победи со 61 секунда предност пред Јан Улрих и 1 минута и 42 секунди пред Андреас Кледен. “Мислев дека не е можно во историјата на Тур да се победи шестпати, но по се‘ изгледа како тој да е непобедлив и ни преостанува само да продолжиме со борбата во секој натамошен ден”, изјави Улрих. Тој, сепак, не е незадоволен и гледа шанса за себе и за тимскиот колега Кледен: “Би било многу убаво ако еден од нас двајцата се избори за место на подиумот за тројцата најдобри, зашто трката е супер-тешка. Јас можам само да кажам дека ми е многу жал што во неа возев болен”.

Денеска е “кралската етапа” долга 204 ипол километри со искачување на Кол д‘ Маделен, превој на 2000 метри височина.

Германскиот тим за олимпијадата во Атина ќе бори 453 членови. "Последниот воз" го фати тенисерот Флоријан Маер, и тоа на лична интервенција на претседателот на МОК Жак Рог, откако Светската тениска асоцијација со настапот на Маер го услови бодувањето на олимписките резултати за светската ранг-листа.