Кипар ќе добие спасувачки пакет и данок на банкарски депозити
16 март 2013Кипар ќе добие спасувачки пакет од околу 10 милијарди евра, откако утринава склучи договор со меѓународните кредитори, изјавија дипломатите. Сумата е значително пониска од првично бараните 17,5 милијарди евра, забележаа агенциите. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во кипарскиот спасувачки план ќе учествува со милијарда евра.
Програмата за финансиска помош вклучува вонреден данок, кој може да стигне до 9,9 проценти на банкарските депозити во кипарските банки, кај сметките поголеми од 100.000 евра. Депозитите под 100.000 евра ќе бидат оданочувани со 6,75 проценти. Данокот на банкарските депозити, прв од таков вид применет како дел од спасувачки пакет на еврозоната, се очекува да генерира 5,8 милијарди евра и тој ќе се применува како за кипарските државјани, така и за странците со банкарски сметки на Кипар. Една третина од банкарските депозити на оваа островска земја се во рацете на странци, пред се’ Руси и Британци.
„Исходот не е пријатен, посебно за инволвираните луѓе. Но, ние веруваме дека тоа, споредено со другите можни исходи, е најлесено“, изјави кипарскиот министер за финансии Михалис Сарис.
Јерон Дејселблум, шефот на Eврогрупата, изјави дека новиот данок не е казнување на задолжената земја. Тој по преговорите со кипарскиот министер за финансии рече дека данокот „е многу фер начин на споделување на тежината“.
Кипар во јуни минатата година побара финансиска помош од ЕУ и ММФ, за да ги спаси двете најголеми банки од финансиските тешкотии, што беа жртви на грчката криза. Кредиторите не беа подготвени на земјата да и‘ дадат 17,5 милијарди евра, стравувајќи дека Кипар нема да може да врати толку голема сума и долгот неодржливо ќе се развлече по доделувањето на помошта. Меѓународните кредитори побараа гаранции дека островската држава ќе ги исполни обврските преземени во замена за доделните средства.