1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кипар останува поделен

25 април 2004
https://p.dw.com/p/AcNw
Тасос Пападопулос
Тасос ПападопулосФотографија: AP

Исходот од референдумот за обединување на Кипар не можеше да биде појасен. Веќе два часа по затворањето на изборните локали, шефот на Изборната комисија за грчкиот дел од поделениот остров, Киријакос Триантафилидис, излезе пред наспобраните новинари и го објави конечниот резултат:

“Изброени се 313.705 гласа против, што значи 75,83%. За гласаа 99.976 гласа, односно 26.17 проценти. Тоа е конечниот официјален резултат!“

Колку што беше кратка и јасна изјавата на шефот на Изборната комисија, толку е неумолив и фактот дека по ваквиот исход на референдумот за обединување, на ЕУ на 1. мај ќе и пристапи само грчкиот, јужен дел од поделениот остров.

Ваквиот резултат дури ги надминува проценките на испитувачите на јавното мнение од последните денови спроти изјаснувањето. Вистина е дека се зголеми малку и бројот на оние кои се изјаснија сепак за планот на генералниот секретар на ОН, Кофи Анан. Но, исто така цела една петтина од нерешителните на крајот му се приклучија на мнозинството, кое гласаше против.

Со тоа претседателот на грчкиот дел од Кипар, Тасос Пападопулос, го доби побараното “не“ на референдумот од своите сограѓани. Со ова не е принципиелно отфрлено надминувањето на поделбата, посочи Пападопулос по референдумот, туку само условите од актуелно понуденото решение. Тој додаде дека обединувањето под условите што ги понуди Кофи Анан би била чиста победа на Турците. Грчките Кипрани, според него, меѓутоа ќе продолжат да се залагаат за обединување и тоа би требало да го прават и турските граѓани на островот.

“Ги повикувам сите на единство и братство, на заедничка борба за надминување на потешкотиите што мораме да ги надминеме во иднина. Грчки и турски Кипрани, ние, и едните и другите заслужуваме подобра судбина, сигурна иднина за нас и за идните генерации. Сигурен сум дека тоа ќе ни успее.“

Пападопулос при тоа не даде никакви конкретни предлози како да се надмине сегашната пат-позиција. Претседателот на владеачката Социалистичка партија, Димитрис Кристофиас, пак, го повтори уште еднаш барањето за распишување втор референдум. Но, останува големо прашање дали турските Кипрани ќе се впуштат во нови преговори. Тие впрочем се изјаснија за сегашниот план на Кофи Анан со 65% за. Освен тоа, ОН веќе најавија дека имаат намера да ја затворат канцеларијата на пратеникот за Кипар, Алваро де Сото.