1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кипар не прифаќа уцени во спорот со Турција

АМ/миа/бта3 ноември 2013

Претседателот на Кипар Никос Анастасијадис го отфрли барањето на генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун во рок од четири дена да бидат обновени преговорите за разделениот остров. Генералниот секретар на ОН е загрижен.

https://p.dw.com/p/1AAun
Фотографија: Reuters

„Би сакал еднаш засекогаш сите да разберат дека нема да трпиме уцени и поставување времени рамки во процесот за решавање на кипарското прашање од кого и да е“, изјави синоќа Анастасијадис (лево на насловната фотографија).

Тој дополни дека набрзо ќе биде свикана вонредна седница на Националниот совет, главниот орган за кипарското прашање, составен од претставници на сите политички партии, заради носење колективна одлука во врска со повикот на генералниот секретар за брзо обновување на преговорите.

Бан, на вчерашната средба со специјалниот претставник на ОН за Кипар Александер Даунер, изразил загриженост заради фактот дека кипарските Грци и Турци цел месец не успеале да се договорат за заедничка декларација, со која би почнале преговорите.

Бан рече дека можноста за постигнување договор почнува да се намалува и изрази надеж дека двете страни ќе успеат да ги надминат разликите во перидот од 4 до 8 ноември и да се договорат за директна средба на двајцата лидери.

Од своја страна, Анастасијадис изјави дека дијалогот може да почне само при определени услови, кои ќе дозволат успешен исход на преговорите. Тој рече дека нема да отстапи од принципиелната позиција дека кипарскиот проблем треба да се реши врз основа на принципот на федерација на две заедници кои претставуваат еден меѓународен субјект со заеднички суверенитет и заедничко население, како што е посочено во резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

Лидерот на кипарските Турци Дервиш Ероглу (десно на насловната фотографија) изрази подготвеност за итно почнување на преговорите без претходни условувања, но бара решавањето на кипарскиот проблем да се базира на создавање „држава на два рамноправни партнери“ и категорично одбива да го жртвува суверенитетот на кипарските Турци.