1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кипар на проверка

ЕМФ/дв12 февруари 2013

Министрите за финансии на Еврогрупата не постигнаа договор за конкретна помош за Кипар. Пред да се донесе одлука, ќе се контролира придржувањето на Кипар до законите против перење пари.

https://p.dw.com/p/17cZC
Фотографија: picture alliance/chromorange

Министрите за финансии на 17-те евро-држави не договорија помош за Кипар, кој е загрозен од банкрот. Уште пред вчерашната (11.02) седница во Брисел набљудувачите оценија дека Еврогрупата пред да донесе одлука ќе ги сочека резултатите од изборите во средоземноморската земја, закажани за средината на февруари.

На наредната седница, на почетокот на март, треба повторно да се разговара за состојбата на Кипар. Еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд се во преговори со Кипар за пакет помош со волумен од 17,5 милијарди евра, поради тоа што банките во таа земја се најдоа во голема криза по отпишувањето на дел од долговите за Грција. Кипар поднесе барање за помош минатото лето.

Како услов кој мора да биде исполнет за да се добие помош од фондовите за спас на ЕУ, министрите на Еврогрупата го поставија ефикасното спроведување на мерките за спречување на перење пари. За тоа да се контролира, една приватна фирма по налог на Еврогрупата ќе врши контрола дали владата во Никозија тоа го прави доволно решително.

Кипар ги демантира обвинувањата за перење пари преку банките во земјата.