1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинески научници за ситуацијата на Тибет

Астрид Фрајајзен26 март 2008

Кинеското раководство се обидува да му даде научна поткрепа на ставот кон Тибет. За таа цел беше свикана прес-конференција на која зборуваа повеќе научници од Центарот за тибетански студии со седиште во Пекинг.

https://p.dw.com/p/DV3F
Се стреми ли навистина кон „Голем Тибет“: световниот и духовен водач на Тибетанците, Далај Лама.Фотографија: AP
Во просториите за печат на кинескиот Државен совет владее нервоза и напнатост. На подиумот седат научници од Центарот за тибетански студии со замрзнати лица и очигледен напор да задржат максимална концентрација. Кога некој од странските новинари ќе постави некое чувствително или дури критички интонирано прашање, прво владее подолга тишина додека некој од научниците се реши да одговори. Едно од нив беше: дали Кина ги става во иста категорија Далај Ламата и терористите како Осама бин Ладен?


„Дали некој е терорист или не, треба да се процени според тоа дали е замешан во терористички активности ли не!„ – појасни експертот Лианг Џијангмин.


Големотибетско царство


Тој додаде дека Далај Лама има намера да создаде Големотибетско царство, и тоа не само во Тибет, туку и во соседните кинески покраини. Освен тоа Далај Ламата се стреми и кон уривање на власта на Комунистичката партија на Кина. Во таа стратегиска определба важна улога играат 46.000 тибетански монаси, посочи генералниот директор на Инситутот Лагпа Фунчогс.


„Групата околу Далај Лама ги развива сепаратистичките активности за фасадата на религијата. При тоа важи правилото дека контролирањето на еден од храмовите е исто како контролата врз еден огранок на комунистичката партија.“


Далај Лама иницијатор и на новите насилства


Кинеската влада тврди дека има докази оти зад најновите насилства стои Далај Лама. Во едно отворено писмо 29 интелектуалци бараат од владата на Кина да ги објави таквите докази за да можат да бидат испитани од независна комисија на ОН. За сега кинеската власт не ги објавува наводните докази, туку само додава нови обвинувања.


„Од кога групата околу Далај Лама замина во егзил во 1959-та година, таа постојано се обидува да не’ саботира. И овој пат ако се погледа ситуацијата во Ласа и во странство, ќе се види дека сето е меѓусебно поврзано„ - порача еден од експертите на прес конференцијата. Тој исто така додаде дека кинеската влада е заинтересирана само за подобрување на благосостојбата на луѓето на Тибет и затоа е неопходно да се намали влијанието на Далај Лама по пат на т.н. патриотско воспитување.


„Според моите научни резултати ваквото патриотско воспитување е за нас многу успешно. А исто така не е вистина дека ваквото воспитание ги одвлекува монасите од студирањето на нивните будистички списи„ – нагласи експертот Драмдул од Центарот за тибетански студии со седиште во Пекинг.