1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина: Сепак, терористички напад во Пекинг?

ЖА/дпа/ртре/макфакс30 октомври 2013

Кинеската полиција два дена молчеше за крвавиот инцидент во центарот на Пекинг. Сега се зборува за терористички напад и уапсени пет лица. Се претпоставува дека за нападот се одговорни ујгурските терористи.

https://p.dw.com/p/1A9EV
Фотографија: Reuters

Пекиншката полиција првпат го оцени инцидентот пред Царската палата како терористички напад. Петмина осомничени се уапсени уште десет часа по нападот, соопшти полицијата денеска (30.10.2013). Сите пет лица, кои се приведени под сомнение дека помагале во извршувањето на терористичкиот напад на плоштадот Тјенанмен во Пекинг во понеделникот, признале дека биле вклучени во заговорот, при што загинаа пет лица, a 38 други беа ранети, соопшти пекиншкото локално Биро за јавна безбедност. Кинеската полиција во џип открила ножеви и, како што се наведува, „црно знаме на џихадот“.

Во понеделникот попладне по локално време џип со регистарски таблички од Сингјанг - Ујгурскиот автономен регион во Кина, упадна на плоштадот Тјенанмен, прегазувајќи десетици луѓе, по што се запали. Истрагата за инцидентот продолжува. Државната агенција Синхуа, повикувајќи се на соопштение на полицијата, додава дека нападот бил „внимателно планиран, организиран и изведен со предумисла“.

Тројцата загинати во џипот, кој ја предизвика несреќата во понеделникот на плоштадот Тјананмен во делот од влезот во поранешната Царска палата, или т.н. Забранет град, и мавзoлејот на основачот на комунистичка Кина, Мао Цетунг, идентификувани се како Усмен Хасан, неговата сопруга и неговата мајка. Тие загинале откако теренецот за запалил по забивањето во масата луѓе, пробивајќи ја заштитната ограда.

Кина и претходно ги обвинуваше ујгурските сепаратисти и верските екстремисти за серија напади во покраината Синџианг и тврди дека сакаат да формираат независна држава којашто ќе ја нарекуваат Источен Туркистан, базирана на екстремните исламистички прописи. Организациите за човекови права, пак, сметаат дека Пекинг ги предимензионира овие закани.

Peking Unfall Tiananmen-Platz
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ујгурите сочинуваа повеќе од 40 отсто од вкупно 21 милиони жители на овој регион. Повеќето од нив се населени во Кашгар и другите јужни делови на провинцијата и во последните години искажуваат незадоволство од нивниот статус во општеството. Покраината Синџианг зазема една шестина од вкупната државна територија на Кина, граничи со Авганистан, Пакистан, Индија и Централната Азиска Република, а богата е со нафта, гас и јаглен. Автохтоното население се туркофони, муслимани Ујгури, но во децениите населување на покраината со мнозинскиот кинески народ Хан од другите делови на Кина, денес во Синџианг Ујгурите се помалку од половината од населението.

Постојаните тензии поради големите рестрикции на ујгурската јазична, културна и верска автономија кулминираа во јули 2009 година, кога во насилните судири меѓу Кинезите од народот Хан и етничките Ујгури во главниот град на провинцијата Уримкви, загинаа околу 200 луѓе, претежно припадници на народот Хан. Оттогаш кинеските власти погубија десетина лица осудени за поттикнување на насилни судири, уапсени и кривично гонети се стотици други, а безбедносните мерки се заострени во целата покраина. Во април 2013 година во близина на Кашгар, пак, во меѓуетничките судири загина 21 лице. Кина тврди дека вооружени групи Ујгури се поврзани со исламските милитанти во централна Азија и во Пакистан и ги обвинува дека вршат напади чија цел е да формираат независна држава која би ја именувале Источен Туркистан.