1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина призна дека употребила оружје

21 март 2008

По тешките судири на Тибет, Кина масовно ги зајакнува воените сили во регионот. Кинеските власти за првпат признаа дека употребила оружје во судирите со демонстрантите.

https://p.dw.com/p/DSDi
Кинеска војска на ТибетФотографија: AP

Во Тибет и соседните покраини каде неколку дена траат судирите меѓу демонстрантите и кинеските власти има големо разместување на кинеска војска, тврдат очевидци. Кина денеска за првпат призна и дека во справувањето со демонстрантите употребила огнено оружје. Државната новинска агенција Ксинуа објави дека во привинцијата Сечуан „е пукано во самоодбрана и се убиени четири демонстранти“. Американската министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс ги повика и двете страни да се воздржат од насилство. Во телефонскиот разговор со кинескиот колега Јанг Јиечи побара од Пекинг да воспостави дијалог со тибетскиот водач Далај Лама. Будистичкиот водач во егзил им се заблагодари на САД.

„Благодарни сме на помошта и поддршката, но Кина и Тибет се тие коишто мора да пронајдат начин да разговараат за проблемите“, рече Лама.

Дијалог решение на проблемите

Далај Лама вели дека сака дијалог со Кина и бара само поголема автономија за Тибет, а не и отцепување за што го обвинуваат кинеските власти. Одговорот на Пекинг е дека ќе разговара со духовниот тибетски водач, кога ќе прекине со сепаратистичките активности и ќе признае дека Тибет и Тајван се делови на Кина.

Протестите во Тибет избија минатиот понеделник на годишнината на тибетското востание кое избило во 1959 година, насочено против Кина која го заземала Тибет во 1951. Меѓународната заедница ја осуди употребата на насилство во Тибет. Тибетанците кои живеат во егзил, деновиве постојано тврдеа дека во судирите се убиени околу стотина лица, и дека ситуацијата на теренот е многу поразлична од онаа којашто ја прикажуваат кинеските власти, дека загинале само 13 лица.