1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина претпазливо се дистанцира од сириската влада

ЖА/дв/дпа/ртре/афп5 јуни 2012

Кина предупредува од граѓанска војна во Сирија. Русија продолжува со поддршката на сирискиот претседател Башар ал-Асад. „Сириската слободна армија“ смета дека мировниот план за земјата веќе не важи.

https://p.dw.com/p/157yf
Фотографија: AP

Кина претпазливо дипломатски се дистанцира од сириската влада. Кинескиот амбасадор во ОН Ли Баодонг во Њујорк изјави дека неговата земја не се обидува да го штити сирискиот претседател Башар ал-Асад и ќе ја почитува волјата на сирискиот народ. Амбасадорот побара од сите страни во сирискиот конфликт да го прекинат убивањето и да се придржуваат на меѓународниот мировен план. Доколку не запре говорот на оружјето, на Сирија и‘ се заканува граѓанска војна, предупреди тој.

Русија, напротив, се чини се‘ уште ја држи страната на Асад. На самитот на ЕУ и Русија во Санкт Петерсбург двете страни не можеа да најдат заедничка позиција во однос на Сирија. Припадниците на сириското исламско опозиционо движење во меѓувреме формираа „Фронт на исламските бригади“, кој најави соработка со „Слободната сириска армија“, во која претежно има дезертери од регуларната сириска војска.

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле пак, во рамките на неговата сириска мисија на посредување, пристигна во Катар, прва станица на петдневната турнеја по Блискиот Исток. До петок Вестревеле ќе ги посети и Обединетите Арапски Емирати, Турција и Либан, каде ќе води разговори за политичко решение на сирискиот конфликт.