1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина го обвинува Далај Лама

23 март 2008

Кинеската влада прогласи крај на протестите во Тибет и пограничните региони. Независна потврда за ова - нема. Официјален Пекинг повторно го обвини духовниот тибетски лидер, Далај Лама дека ги организирал протестите.

https://p.dw.com/p/DT74
Далај ЛамаФотографија: AP

„Кошмарот заврши“, цитира денеска (23.03.2008) кинеската новинска агенција Ксинхуа еден трговец во провинцијата Гансу, во својот извештај за нормализирање на состојбата во Тибет и регионите што граничат со него. Протестите на Тибетанците против кинеската управа, што започнаа на 10 март и прераснаа во нереди, беа практично задушени со употреба на огромна сила од страна на кинеските безбедносни сили. Владата во Пекинг денеска и официјално ги прогласи за завршени. Истовремено таа упати нови обвинувања против Далај Лама дека ги влечел конците на насилните протести на Тибетанците

„Кликата на Далај Лама ќе биде неизбежно поразена“, стои денеска во коментарот на државниот гласник на Кина. „Воопшто не е важно дали Далај Лама и неговите приврзаници се кријат зад плаштот на мирот и ненасилството, нивните саботерски активности се осудени на пропаст“, пишува во весникот, при што се истакнува дека Нобеловиот лауреат ги земал во заложништво Олимписките игри за да издејствува Кина да се согласи со независност на Тибет.

Инаку, по задушувањето на протестите на Западот отвори дебата околу бојкот на Олимпијадата во Пекинг. Европскиот парламент во среда ќе расправа за ситуацијата на Тибет. Претседателот на парламентот, Ханс Герт Петеринг се заложи за бојкот на игрите , доколку кинеското раководство не изрази подготвеност за дијалог со Далај Лама. Меѓутоа многу западни политичари и натаму сметаат дека тоа би била грешка:

„Сметам дека спортот не е вистинска адреса за решавање на овие проблеми во светот и во Кина. Би можело многу повеќе да се размуслува за трговски бојкот. Тоа со сигурност би било поделотворно“, смета Јирген Тритин од германската опозициска партија на Зелените.