1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Киевска шлаканица за ЕУ

Коментар: Бернд Јохан/ Превод: Жана Ацеска 22 ноември 2013

Политичарите во Киев се на пат да ја прокоцкаат европската перспектива на нивната земја. Тие потклекнаа под притисокот од Москва, смета Бернд Јохан во својот коментар.

https://p.dw.com/p/1AMHB

Каков голем пресврт, а притоа и навреда за Европската унија! Една недела пред решавачкиот самит во Вилнус, украинската влада ги стави на мраз натамошните преговори околу Договорот за асоцијација со ЕУ. Истовремено, украинскиот парламент претходно им „истера инает“ на партнерите во Европа. Пратениците отфрлија повеќе предлог-закони, што можеа да овозможат ослободување на поранешната премиерка Јулија Тимошенко, која се наоѓа во затвор.

Брисел и Киев за Договорот за асоцијација преговараа со години, готови се веќе стотици страници, недостигаа само потписите. Одеднаш, во Киев се зборува за национални интереси, кои подразбираат обнова на односите со Русија. Во меѓувреме, Украина дури предложи и Москва да биде вклучена во преговорите со ЕУ. Со тоа е јасно: Украина се повинува на масивниот притисок од Москва.

Deutsche Welle REGIONEN Osteuropa Ukrainisch Bernd Johann
Бернд Јохан, автор на коментаротФотографија: DW/P. Henriksen

Претседателот Јанукович ја избра Москва

Ваквиот развој се насетуваше со денови. Раководството во Киев водеше двојна игра. Парламентарните дебати беа само маневар за одвлекување на вниманието на ЕУ. Зашто, додека Киев на своите партнери во разговорите постојано им ја објаснуваше нужноста од донесување специјални закони во врска со прашањето за Тимошенко, притоа постојано истакнувајќи го интересот за постигнување Договор за асоцијација, украинскиот претседател Виктор Јанукович одамна имаше алтернативен план. Тој повеќепати се сретна со својот руски колега Владимир Путин, а за нивните разговори малку се знае.

Кремљ од своја страна одамна јасно ја истакна руската позиција околу потесно поврзување на Украина со Европа. Минатите месеци Русија, во империјалистички манир, водеше вистински трговски војни со Украина, Москва се закануваше со своето „оружје“ - гасот: најавуваше преиспитување на односите во енергетиката во случај на поврзување на Украина со ЕУ. Пред неколку години Кремљ среде зима веќе покажа како тоа изгледа, славината за гасот беше затворена, луѓето во Украина мрзнеа.

Засега - неуспех на ЕУ

Како конкуренција на источната политика на ЕУ, Кремљ ги притиска своите соседи кон царинска унија. Во неа засега се Белорусија и Казахстан и таа треба да функционира по строги правила, диктирани од Кремљ. Од аспект на Москва, без Украина оваа царинска унија не е е целосна. Покрај Русија, Украина е најбројната по население држава на територијата на Советскиот сојуз. Украина е важна токму од економски агол.

Пресвртот на политиката во Киев за ЕУ е тежок удар. Во Брисел е позната тешката ситуација на Украина. ЕУ-државите сакаат политички и економски да ја стабилизираат земјата, меѓу другото и преку лиферување енергенси од ЕУ-државите. Зашто, само така Украина може да делува суверено и независно од Москва.

Моментно Украина ја нема оваа независност. Поради тоа европскиот проект на Украина засега пропадна. А, малку нешто зборува во прилог на тоа дека до самитот во Вилнус Договорот за асоцијација повторно може да се активира. Русија веројатно во следниот период ќе ја крои иднината на Украина. Раководството од Киев ќе биде помал партнер на Кремљ.