1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кери: Имаме докази дека е употребен сарин

Е.М.Фиданоска/ртр/афп1 септември 2013

САД, според тврдењето на министерот за надворешни работи Џон Кери, имаат докази дека во случајот со претпоставениот напад со хемиско оружје кај Дамаск е употребен отровниот гас сарин.

https://p.dw.com/p/19Zo8
Фотографија: Reuters/Pete Souza/White House

Тестовите на коса и на крв се позитивни „на траги од сарин“, изјави американскиот министер Џон Кери за телевизиите Ен-Би-Си и Си-Ен-Ен, зборувајќи за претпоставениот напад со хемиско оружје на 21 август, во близина на Дамаск, во кој, според американски наводи, загинаа 1.429 лица.

Тој нагласи дека резултатите не се од истрагата на инспекторите на ОН за хемиско оружје, туку се резултат на независна истрага на примероци на крв и коса, коишто САД ги добиле од спасители кои се нашле на местото на настанот, веднаш по нападот во Дамаск минатиот месец.

Кери нагласи дека станува збор за „многу важен развој“, за кој американската влада дознала „во изминатите 24 часа“. Шефот на американската дипломатија од Конгресот побара да и‘ даде зелено светло на Владата за воен напад врз раководството во Дамаск. Тој изрази убеденост дека пратениците „ќе гласаат ЗА“. Во случај Конгресот да гласа со НЕ, според Кери, „Претседателот има авторитет да дејствува, но Конгресот ќе го направи тоа што мора“.

John Kerry äußert sich zum Syrien Konflikt
Џон Кери вели дека има доказиФотографија: Reuters

Американскиот претседател Барак Обама побара мислење на Конгресот во врска со воен напад на Сирија. Тој изјави дека е на мислење оти САД треба да нападнат, но сепак сака да побара согласност за такво нешто од Конгресот, поради тоа што одамна бил на мислење дека моќта на САД „не се потпира врз нашата воена сила, туку на тоа дека ние сме влада на народот, за народот, со народот“.

Сојузниците на САД реагираат воздржано на ваквиот потег на Обама. Француската влада избегна оценка и стави до знаење дека пред да биде донесена сопствена одлука за воена интервенција ќе причека да види каква ќе биде одлуката на американскиот Конгрес. „Франција не може сама. Потребна ни е коалиција“, изјави министерот за внатрешни работи Мануел Валс. И клучниот американски партнер во регионот, Израел, реагира исклучително воздржано и нагласува дека армијата е подготвена да ја брани земјата без разлика како ќе се одвиваат работите. Во Израел американското колебање се оценува како многу проблематично. „Ако Обама се колеба во случајот на Сирија, тогаш во случајот на Иран, кој е многу попроблематичен, ќе се колеба уште повеќе“, изјави за израелското армиско радио висок владин функционер, кој сака да остане анонимен.

Sarin Gas in Irak Archivbild 2004
Траги од сарин, според Кери, имало во тестираните примероци од коса и крвФотографија: Getty Images

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, пак, ја поздрави одлуката да не се напаѓа веднаш. Тој апелира до меѓународната заедница да го искористи добиеното време и во Советот за безбедност да усогласи став за Сирија. „Особено Русија сега треба да одигра конструктивна улога во Советот за безбедност“, рече Вестервеле.

Што се однесува до реакциите во Сирија, државните медиуми ликуваат и тврдат дека одлуката на Обама да побара мислење од Конгресот е „историско повлекување“. Сириската опозиција, пак, изрази скепса и од американскиот парламент побара да му даде зелено светло на Обама за воен напад.

Сирискиот претседател Башар ал-Асад денеска повтори дека неговата земја е подготвена за воениот напад од странство.

„Сирија е способна да се соочи со секоја надворешна агресија како што и се соочува со внатрешната агресија секој ден, во форма на терористички групи и оние кои ги поддржуваат нив“, изјави сирискиот претседател Асад.