Кери во Јапонија на разговори за заканите од Пјонгјанг
14 април 2013Американскиот државен секретар Џон Кери престојува во Јапонија, која по Јужна Кореја и Кина е последна дестинација на неговата азиска турнеја посветена на нуклеарната закана од Северна Кореја.
Кери во Токио се среќава со неговиот колега домаќин Фумио Кушида, со кого ќе разговара за натамошниот заеднички пристап кон севернокорејските закани за ракетен напад врз САД и нејзините сојузници. Претходно јапонскиот министер за одбрана Ицунори Онодера го повика режимот во Пјонгјанг на атомско разоружување. Јапонија е оддалечена помалку од 1000 километри од Северна Кореја и е во рамките на дострелот на севернокорејските ракети. За спречување на евентуален напад, јапонските власти имаат испратено воени бродови во Јапонското море кои се подготвени да соборуваат проектили.
Најверојатно меѓу темите за кои Кери ќе разговара со претставниците на јапонските власти ќе биде и територијалниот спор меѓу Јапонија и Кина.
Кери вчера во Пекинг со претставници на кинескиот државен врв исто така разговараше за можностите за запирање на заканите за војна од страна на Пјонгјанг, како и за тоа како да се убеди Северна Кореја да се врати на преговорите. Американскиот министер и кинеските претставници истакнаа дека ќе се заложат за атомско разоружување на Северна Кореја.
Тој претходно, во Јужна Кореја, порача дека Пјонгјанг ќе направи „огромна грешка“ ако истрела една од своите ракети со среден дострел.