1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Керим: глобалните предизвици бараат мулитилатерани решенија

19 септември 2007

Реформа на ОН е меѓу приоритетите на новиот претседател на Генералното Собрание на ОН. Македонскиот дипломат,Др. Срѓан Керим на отворањето на 62-то заседание побара од членките заеднички да работат на поставените цели.

https://p.dw.com/p/BhQX
Др.Срѓан КеримФотографија: Macedonian Information Agency

Со апел, да се вложат напори за зајакнување на улогата на Генералното собрание на ОН, неговиот нов претседател Др.Срѓан Керим побара од сите земји заеднички да работат на остварување на петте најважни цели поставени за наредната година: намалување на сиромаштијата во светот, прашањата поврзани со социјалниот и економскиот развој, борба против тероризмот и климатските промени и имплементација на глобално договорените цели.

“Повеќе од било кога и да е глобалните предизвици бараат мулитилатерани решенија”, рече Керим на отворањето на 62-то заседание. “Токму затоа ревитализација на Генералното собрание произлегува како наш најголем приоритет. За да ја ревитализираме оваа куќа, мора да ја обновиме довербата во нас, во нашите заеднички вредности и иднина”, порача македонскиот дипломат.

Промените на климата не се само еколошки проблем

Зборувајќи за критичните точки на кои треба да се работи, Керим изјави дека климатските промени се толку големи што последиците се чуствуваат насекаде. Поради тоа меѓународната заедница не може многу да чека.

“Науката го кажа своето, сега е време да се преземе акција”, рече Керим.

Тој најави дека лидерите на земјите ќе може да ја покажата својата решеност за акција веќе на конференција на ОН на владино ниво, што ќе се одржи в понеделник под раководство на генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.

Преземајќи ја функцијата претседавач со Генералното собрание, македонскиот дипломат ги увери претставниците на 192 земји дека во својата работа ќе се стреми во ОН да има повеќе дебати, а не вообичаените “серии монолози”.

“Побаравте од мене да покажам лидерство и тоа и ќе го сторам”, рече Керим

Генералната дебата на 62-то заседание за време на која лидери на држави и влади на земјите членки на ОН ќе се обратат пред Генералното Собрание ќе трае од 25 септември до 3 октомври. Честа да ја отвори ќе ја има американскиот претстедател Џорџ Буш. Според очекувањата, годинава во фокусот на дебатата ќе се најдат меѓународните кризни жаришта како Блискиот исток и проблемите поврзани со Балканот, Африка и Азија.