1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кемниц - град на модерната

27 август 2011

Градот Кемниц во покраината Саксонија во изминативе години го привлече вниманието на себе како нова културна и уметничка мека во новите источни сојузни покраини. За ова градот им благодари на градските уметнички збирки.

https://p.dw.com/p/12LxV
Eingangsbereich der Chemnitzer Kunstsammlungen Copyright für alle Fotos: Ronny Arnold alle aufgenommen in Chemnitz am 11. August
Уметничките збирки се богатството на КемницФотографија: Ronny Arnold

Мирно попладне е и кратко пред затворање во просториите каде се наоѓаат уметничките збирки на плоштадот Театер во центарот на градот. Само мал број посетители се наоѓаат во просторијата, а една од нив е Мариане Цирот која сака да купи неколку разгледници и чека на касата. Таа е воодушевена: „Јас дојдов всушност само поради изложбата на Макс Слефогт, но се изненадив од останатото уметничко богатство. Неодамна читав во Зиддојче цајтунг позитивен извештај за тоа и навистина ми се допадна.“

Ингрид Месингер веќе 15 години е директорка на уметничкте збирки во Кемниц. Кога по паѓањето на Берлинскиот ѕид таа дојде во градот од Франкфурт на Мајна, зградата, што тогаш беше стара преку 100 години, се наоѓаше во очајна состојба: „Имаше оштетувања уште од војната. Покривот беше поправен и некои простории беа реставрирани, но токму овде, каде сега стоиме, во кровот имаше дупка и се’ беше разурнато и нечисто. Во време на поделениот источен и западен Берлин овде ништо не се случувало. Денес, гледаме еден убав, елегантен мост што ги поврзува двата дела од зградата“, објаснува со гордост Месингер.

Голема инвестиција поврзана со големи надежи

Generaldirektorin der Chemnitzer Kunstsammlungen - Ingrid Mössinger Copyright für alle Fotos: Ronny Arnold alle aufgenommen in Chemnitz am 11. August
Ингрид Месингер, директорка на уметничките збиркиФотографија: Ronny Arnold

Во изминативе неколку години градот Кемниц инвестирал 30 милиони евра во реновирањето на куќата во која во 1909 година кралот Алберт отворил музеј. Денес во неа се изложени 70.000 експонати. Во светлите и високи простории се изложени уметничките дела. Има скулптури, уметнички дела од времето на романтиката, но и дела на германските импресионисти како Макс Слефогт на пример. Директорката Ингрид Месингер во изминативе години успеа да донесе во Кемниц и дела на врвни познати сликари како Пикасо и Марк Шагал и акварели на Боб Дилан. Но, како успеа директорката навистина на донесе толку познати слики, графики и скулптури во ова мало и повлечено градче? Со упорност и голема љубов кон овој регион, вели директорката Месингер.

На почетокот на 20 век Кемниц беше еден од најважните и најбогатите индустриски градови во Германија. Тоа влијаеше и врз уметноста и културата во градот. Тогаш беше реновиран и музејот во кој сега се наоѓаат уметничките збирки. Покрај куќата на плоштадот Театер во градот се наоѓа и музејот Гунценхаузен, како и музеите Шлосберг и Хенри ван де Велде. Минатата година Сојузот на критичари на уметнички дела на збирките им ја додели титулата „Музеј на годината’“. Сето ова градот Кемниц го прави познат ширум светот и привлекува туристи и љубители на уметноста во покраината Саксонија. Но, градот не нуди само уметност, туку има голема понуда и за љубителите на музиката: „Операта има 720 места за седење. Споредено со големината на градот ова е сосема доволно. Во него има еден А-оркестар со 120 музичари. Тоа значи дека тие можат да свират се’, секоја форма на опера и концерти. Тоа е прекрасно. Освен тоа, операта годинава доби многу позитивна критика во весникот „Њујорк тајмс“, вели директорката Месингер.

Градот нуди од се’ по нешто

Karl Marx Kopf im Zentrum von Chemnitz Copyright für alle Fotos: Ronny Arnold alle aufgenommen in Chemnitz am 11. August
Статуа на Карл Маркс во центарот на КемницФотографија: Ronny Arnold

Градот на модерната – со овој слоган се рекламира градот Кемниц веќе четири години. Мотото се однесува од една страна на индустријализацијата во 19 век и тогашниот пионерски дух, а од друга страна се однесува на модерната градба на денешнината. По пресвртот одговорните се обидоа внатрешниот дел, односно центарот на градот да го направат поатрактивен. Денес, кураториумот се грижи повеќе за животниот квалитет и градежната култура и го советува градскиот совет. Еден од нив е Арнолд Бартетцки, експерт за историја на уметност од Лајпциг.

„Сите луѓе од надвор, значи што не се од Кемниц, ја забележаа ширината на градот. Преголемите сообраќајни улици, ненаселените простори меѓу повторно компактниот внатрешен дел на градот и општините на периферијата од градот, кои се поврзани со автопати со по пет или шест сообраќајни ленти“, вели Бартетцки.

Но, Кемниц се движи во добар правец, да стане град со голем потенцијал, смета експертот. За ова свој придонес дава и универзитетот, како и богатата културна понуда во чиј центар денес се најголемите уметнички збирки.

 Автор: Рони Арнолд / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Трајче Тосев