1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кво вадис, Сирија?

13 јуни 2011

Луѓето бегаат од Сирија, армијата води војна против сопствениот народ, а во меѓународната заедница расте пристисокот врз претседателот Башар ел Асад. Кво вадис, Сирија?

https://p.dw.com/p/11ZLy
Бегалци ја напуштаат СиријаФотографија: dapd

Се’ појасна е сликата дека режимот во Дамаск е втеран в ќош. Илјадници луѓе го напуштаат северниот дел од земјата, каде сириската армија го освои градот Џиср ал Шогур, и ја преминуваат границата кон Турција. Најчесто доаѓаат во групи, многумина со себе носат бовчи со најпотребните лични работи. Турските патроли ги сместуваат во прифатни логори. Многумина се исцрпени и ранети, стотици мораат да бидат згрижени во болница. Организацијата на ОН за бегалци стравува дека бегалците по извесно време ќе се соочат со нови проблеми кога ќе сакаат да се вратат дома. Портпаролка на организацијата вели:

„Од наш агол, најважно е да можат да се вратат безбедно и достоинствено, не смее да се случи на сириска страна да бидат пресретнати со закани и прогонувања“.

Освојување на упориштето на опозицијата

Zeltlager für Syrische Flüchtlinge in Boynuyogun Türkei
Логори за сириските бегалци во ТурцијаФотографија: dapd

Во саботата ноќта (11.06) тенковите навлегоа во градот Џиср ал Шогур, кој со денови беше под опсада на сириската армија. Силни армиски сили ги запоседнаа улиците и објектите. Во освојувањето на градот учествувала и 4-та дивизија на Републиканската гарда, која е на лош глас, а ја предводи Махер ел Асад, братот на сирискиот претседател Башир ел Асад. Тој е познат по својата бруталност.

На Асад му го одрекуваат легитимитетот да владее

Надворешно-политички, режимот на Асад е речиси во изолација. Францускиот министер за надворешни работи Алан Жипе дури му го одрекува правото на Асад да управува со земјата:

„Ситуацијата е многу јасна. Реформскиот процес во Сирија е запрен, Асад ја загуби легитимноста да владее со државата“.

Притоа, на сириското стиопанство итно му се потребни инвестиции и иновации. Но, за Асад тоа веќе не е важно, за него е важно само политичкото преживување. Кај најголемиот дел од населението тој изгуби секаква веродостојност. Но, се‘ додека може да се потпре на војската, полицијата и тајните служби, нема да биде соборен. Првите пукнатини во овој темел станаа јасни минатите денови, кога во јавноста стигнаа извештаи за побуни.

Автор: Феликс де Кувеланд/ Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска