Кацин: Договорот меѓу Белград и Приштина пример за Скопје и Атина
28 февруари 2012Европарламентарецот и известувач на ЕП за Србија, Јелко Кацин на денешната (28.02.2012) средба во Брисел со македонскиот амбасадор во Европската унија, Андреј Лепавцов уште порачал дека со изедначувањето на Србија во евроинтеграциите со Македонија е последно предупредување за компромис за името.
Лепавцов и Кацин кој воедно е и претседател на делегацијата на ЕП за југоисточна Европа отворено разговарале за актуелните прашања, нацрт извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент, како и влијанието на скорешното очекувано давање статус на кандидат за Србија.
„Македонската политичка елита да се фокусира на иднината“
Притоа Кацин истакнал дека „фактот што по толку години Македонија и Србија ќе бидат изедначени во европските интеграции, би требало да претставува последно предупредување за Македонија дека е време за компромис за името, и пробив и деблокада. Тоа би требало да го искористат сите земји од регионот, а особено Македонија“, рекол словенечкиот европратеник.
Како што информираат од кабинетот на известувачот на ЕП за Македонија и Србија, Кацин „договорот меѓу Белград и Приштина за употребата на името на Косово во регионалните форуми може да послужи како пример за Скопје и Атина“.
„Како што политичката елита во Србија се концентрираше на иднината, и македонската елита мора да се откаже од т.н антиквизација и да се фокусира на иднината. На Македонија и’ е потребно членството во НАТО и успешен напредок кон ЕУ“, рекол Кацин.
Тој меѓу другото посочил дека со отворањето на поглавјата 23 и 24 ќе се овозможи и побрз напредок во другите сфери, како во случајот на Црна Гора којашто ќе ги започне преговорите во јули годинава.
Автор: СН/ АТ/ мф
Редактор: А.Трајковска