Кацав може да здивне
26 јануари 2007Моше Кацав може да се смири. Со овие лаконски зборови еден новинар го коментираше решението на израелскиот парламент. По жестоката дебата парламентарниот одбор реши да го прифати барањето на претседателот за привремено мирување на неговата функција. Претседателот на одборот Рухама Аврахам соопшти:
„За 13, против 11. На тој начин е решено да се прифати барањето на претседателот за мирување на неговата функција. Неговите задолженија во тој период ќе ги преземе претседателката на парламентот Далија Ицик„.
Правниот експерт Моше Негби кој уште порано го критикуваше парламентот поради пасивност во случајот Кацав, со коментар:
„Тоа е оптичка измама. Како на тој начин да се решава проблемот. Кацав останува претседател, иако нема надлежности. Меѓутоа, најважното во претседателската функција е симболиката, а симбол и натаму ќе биде човек кому му се припишуваат такви дела и кој им објави војна на сите демократски институции во Израел„.
Најлошото во ова решение е тоа што Кацав и натаму ужива имунитет, па затоа истрагата на полицијата и државниот обвинител против него е ограничена. Зехава Галон од опозиционата Мерец партија:
„Оној што денеска се согласи со молбата на претседателот, му даде и имунитет против започнувањето постапка и затворска казна. Казната за силување е затвор, а не одземање на мандатот„.