1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Католичката црква ја запре истрагата за злоупотребите

Арне Лихтенберг/ Б. Георгиевски10 јануари 2013

Специјална студија требаше да го расветли скандалот со злоупотребите во Католичката црква. Но, истражувачите и бискупите се разијдоа по жестокиот судир околу содржината на извештајот.

https://p.dw.com/p/17Gvh
Фотографија: picture-alliance/ANP

Целта беше јасна: да се расчисти скандалот со злоупотребите кој ги тресе темелите на Католичката црква уште од 2010. година. Раководството на црквата сакаше да ги истражи наводите за злоупотреби од страна на свештениците врз млади луѓе и тоа се’ до 1945. година. За студијата да биде сериозна и објективна, Германската бискупска конференција (ДБК) го покани Криминолошкиот истражувачки институт од Долна Саксонија (КФН). Научниците од Хановер требаше да добијат пристап до сите лични досиеја од изминатите декади од сите 27 епархии.

Но сега се јави недоразбирање меѓу ДБК и КФН. Бискупите го раскинаа договорот со Институтот. „Меѓусебната доверба беше загубена и беше незамисливо работата да продолжи“, велат официјални извори во црквата.

Црквата цензурира

Од Институтот пак обвинуваат за цензура и мешање во нивната работа.
„Епархиите во Минхен и Фрајзинг бараа сите текстови да им ги дадеме на одобрување, а бараа и право да можат да го забранат објавувањето на текстовите“, изјави првиот човек на КФН, Кристијан Фајфер.

Christian Pfeiffer Kriminologisches Forschungsinstitut Niedersachsen
Кристијан ФајферФотографија: DW/H.Kiesel

Портпаролот на ДБК Матијас Коп ги отфрла ваквите обвинувања.

„Не е точно дека сме ја ограничувале слободата на истражувањето. Вистината е поинаква, затоа што Католичката црква е подготвена да преземе ваков проект, и тоа покажува колку ни значи слободата на истражувањето“, вели Коп.

Но директорот на Институтот, Фајфер оди и чекор понатаму во обвинувањата. Тој тврди дека црквата уништувала документи.

„Тие имаат правило дека документите се уништуваат 10 години по пресудата за некој свештеник. Тие го криеја тоа, затоа што во договорот беше овозможено да се анализираат досиејата се до 1945. година“, вели Фајфер. Коп ги отфрла и овие обвинувања. Немало уништување документи, тврди тој.

За разлика од првичниот договор, Црквата подоцна одлучила да бара да ги види сите анализи пред нивното објавување. Според Фајфер, очигледно е дека Католичката црква не сака да се решат случаите со злоупотребите, плашејќи се од голема штета за неа.

Децениски злоупотреби

По повеќедецениски злоупотреби, Католичката црква во 2010. година најави истрага за случајот. Првите случаи беа откриени пред три години во црковниот колеџ во Берлин. Потоа следеа уште многу, а злоупотреби беа откриени и во манастири и црковни хорови. Некои сексуални напади се случиле неодамна, а некои датираат уште од пред 60 години. Токму истрагата која требаше да ја предводи Институтот требаше да открие што точно се случувало.

Според експертите, запирањето на студијата ќе претставува нов проблем за имиџот на Католичката црква и уште повеќе луѓе ќе ја напуштат. Портпаролот Матијас Коп тврди дека проектот не е пропаднат. „Не се откажавме од проектот. Тој ќе продолжи, но во моментов бараме нов партнер“.

Dossierbild Kindesmissbrauch Katholische Kirche Bild 3
Фотографија: bilderbox

Фајфер, пак, најавува дека истражувањето ќе продолжи и без црквата. „Се обидуваме да спасиме што може да се спаси. Ги повикавме сите жртви доброволно да не контактираат за да можеме да им испратиме прашалници“.

Првите резултати од истрагата требаше да бидат познати до 2014. година. Но, сега е големо прашање не само дали ќе се испочитува тој рок, туку и дали воопшто ќе има некаква студија.