Арапски трупи во Сирија?
15 јануари 2012Во арапскиот свет првпат стануваат гласни повиците за мисија на странски сили во Сирија. Емирот од Катар шеик Хамад бин Калифа ал-Тани за американски СиБиЕс Њус изјави дека арапските држави треба да испратат војници за да го запрат убивањето во Сирија. Иако моментно во Сирија се наоѓа набљудувачка мисија на Арапската лига, кровопролевањето во земјата продолжува.
Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун денеска го повика сирискиот претседател Башар ал Асад да запре со убивање на својот народ.
„Повторно ви кажувам претседателе на Сирија: Запрете го насилството. Престанете да го убивате својот народ. Патот на репресија нема излез“, истакна Бан во обраќањето на конференцијата посветена на демократските промени во арапскиот свет што се одржува во Бејрут.
Асад веќе девет месеци се обидува да го задуши бунтот против неговиот режим. Тој за бунтот ги обвинува терористите и вооружените банди.
Според податоци на ОН во акциите на сириските безбедносни сили против демонстрантите убиени се повеќе од 5.000 луѓе.
Асад објави амнестија
Сирискиот претседател Башар ал Асад денеска објави амнестија за сите кои направиле прекршок откако пред десет месеци почна бунтот против неговиот режим. Со амнестијата ќе бидат опфатени „прекршоците направени во контекст на случувањата кои се случија од 15-ти март минатата година до 15-ти јануари“, се наведува во указот на претседателот ал Асад. Други детали не се наведени.
Автор: ЖА/ миа/ дв
Редактор: Александра Трајковска