1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Касиерка „летна“ од работа за 1 евро!

Зоран Јордановски26 февруари 2009

Германската јавност е возбудена: во време на финансиска криза, во голема мера предизвикана од дубиозно банкарско работење, касиерка во маркет остана без работа поради 1 евро и 30 центи - или поконкретно за 90 денари.

https://p.dw.com/p/H1aV
Не се работело за сумата, туку за принципФотографија: picture-alliance/Godong

Толку вредат две белешки за вратена амбалажа, што 50-годишната касиерка не ги регистрирала на касата, туку ги задржала за себе. Била откриена и по речиси 31 година работа, веднаш добила отказ. Постапката е во согласност со правото, оцени тогаш првостепен суд, а сега тоа е потврдено и од повисока судска инстанца. Второстепениот суд во Берлин смета дека не е битна сумата, туку принципот на прогноза, односно дали од работодавачот може да се бара и понатаму да ја вработува касиерката. „Токму кај една касиерка неодминлив предуслов за работен однос е безусловна доверба во нејзината чесност“, рече претставникот на покраинскиот суд за работни односи Герхард Бинкерт. Причина за отказ може да биде веќе и основано сомнение за кривично дело, оти и само со тоа е нарушен односот на доверба, аргументира судот. „Јас сум едноставно само разочарана“, изјави касиерката.

Во позадина се кријат други причини

Солидарниот комитет за подршка на касиерката, основан пред неколку месеци, смета дека вистинската причина за отказот е нејзиното учеството во штрајкувачките акции во трговијата на мало, а претпријатието ја искористи случката со боновите за да се ослободи од несаканата, синдикално организирана соработничка.

„Работодавачот не отпушта од работа оти некој соработник штрајкува, но не се откажува од отказ затоа што некој соработник штрајкувал“, вели Карин Шиндлер-Абес, адвокат на касиерката. Таа, пак, додава: „Големите ги пуштаат да побегнат, малите ги бесат. Тоа произлегува од оваа работа.“

Во таквите размислувања не е осамена - дури и од високо политичко ниво има слични коментари. „Не можам да го сфатам тоа, кога една касиерка добива моментен отказ поради едно евро и триесет центи, а менаџери, кои уништија милијарди, се’ уште се на функцијата“, рече вчера покраинскиот премиер на Баварија и претседател на ЦСУ, Хорст Зехофер.