Карневали во Струмица и Прилеп
17 март 2013Учество во карневалската поворка зедоа над 600 луѓе, како дел од карневалските групи. Организаторите се повеќе од задоволни. На плоштадот „Гоце Делчев“, каде изобилуваа боите на маските и музиката, се зборуваше на јазикот на карневалот.
По традиција и годинава во друштвото на големата трибина беше и претседателот на асоцијацијата на Европските карневалски градови Хенри Ван Дер Крон, кој на гостите од соседна Албанија им подари златен медал за маската „Влез во Европа“.
Златни медали добија и Ристо Багашевски, за неговиот 20. настап на Струмичкиот карневал, како и карневалските групи „Ѕвезден град“ и „Мулен руж“. И годинава доминираа карневалските групи од над 50 маскирани лица во разни бои, костими и маски, во кои преовладуваше современата тематика, што на карневалот му даде белег на светска манифестација.
Првпат во карневалското жири има и 10 претставници од учесниците. Оценките на сите членови од жирито јавно ќе бидат отворени, а најдобрите наградите ќе ги добијат по карневалската поворка во вторник.
Според проценките на организаторите, синоќа во Стумица имало околу 30.000 гости, кои карневалската вечер ја поминаа во локалите и кафулињата. На плоштадот „Гоце Делчев“ денеска се одржува традиционалниот „Детски карневал“, каде дефилираат најмладите од детските градинки и училишта во Струмица.
13-ти меѓународен карневал „Прочка“ во Прилеп
Млади и стари „прочкари“ уште од изутрина, според традицијата, маскирани се веќе на улиците. Групните и поединечни маски од рано изутрината се подготвуваа за големото пладневно дефиле во рамки на 13 меѓународен карневал „Прочка 2013“. Во Прилеп има бројни домашни и гости од странство, кои сакаат да ги видат маскираните и познатите прилепски мечкари. Мечкарите, заедно со гостите од Воден, Грција, уште од зори го подготвуваат изненадувањето - заедничката маска.
Според организаторите, локалната самоуправа и здружението „Прилепски мечкари“, денеска се очекуваат околу 3.000 маскирани лица. Стручна жири-комисија ќе ги оценува и ќе ги прогласи најдобрите групни и поединечни маски.
Најавени се гости од сите карневалски градови од земјава, како и од Корча-Албанија, Шабац, Лесковац, Нови Сад, Врњачка Бања, Бања Ковиљача, сите од Србија, потоа четири групи од Хрватска, од кои две се од Брач и по една од Лудбрег и Риека, како и од Разлог, Бугарија, а за првпат учество ќе земат и групи од Птуј,Словенија и од Воден, Грција.
Во текот на вчерашниот ден парадираа мажоретките, жонглерите, пантомимичарите. Синоќа беше весело во кафулињата и во рестораните, а уште повесело ќе биде вечер на заедничката карневалска забава во градот.