1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кандахар тоне во хаос

18 септември 2010

Јужноавганистанската провинција Кандахар се‘ повеќе тоне во хаос. Се заканува опасност поранешното упориште на радикално-исламистичките талибанци повторно да падне во рацете на самонаречените господари на војната.

https://p.dw.com/p/PDpK
Самоубиствените атентати се секојдневиеФотографија: picture alliance/dpa

Луѓето во Кандахар се огорчени.

„Безбедносната состојба во Кандахар е најлоша од било каде. Овде владее чист хаос, луѓето имаат купишта проблеми,“ вели Хасина Царгон, една од многуте жителки загрижени за сигурноста. Околу 1,3 милиони луѓе, кои живеат таму, речиси три години се чувствуваат како во војна: самоубиствени атентати, закани со бомби и напади се нивното секојдневие.

Друга жителка на градот Кандахар, Малиха Ахмаџаи, смета дека ја знае причината за осилувањето на талибанците:

„Силите на безбедноста постојано објавуваат дека се борат со талибанците во оддалечените села. Притоа, превидуваат дека талибанците се овде, во центарот, тука секојднево убиваат луѓе.“

Intensive Suche nach hunderten geflohenen Taliban in Afghanistan
Авганистанската полиција не ужива доверба кај народотФотографија: picture-alliance / dpa

„Кога излегуваш од дома, не знаеш дали ќе се вратиш“

Талибанците ги сметаат сите кои не се борат на нивна страна за свои непријатели. Ецмараи Јабаркал, друг жител од градот, прави споредба со времето на беззаконие и граѓанска војна по повлекувањето на советската армија на крајот на 80-те години:

„Никој веќе не може да си го планира животот. Никој кој утрото излегува од дома, било да е обичен возач или познат политичар, не знае дали вечерта повторно ќе се врати.“


Полицијата наместо сигурност, буди недоверба

Кај луѓето предизвикува несигурност и претстојната офанзива на НАТО во провинцијата Кандахар. Според официјалните наводи, околу 15 илјади авганистански и 28 илјади НАТО-војници ќе бидат ангажирани во широката воена операција против талибанците. Искуствата од минатите години ги научија луѓето дека самите воени операции не воспоставуваат сигурност. Мнозинството знае: по повлекувањето на војската талибанците се враќаат. Се вели, тогаш полицијата ќе се грижи за редот. Но, токму во неа немаат доверба многу од Кандахарците:

„Нашата полиција не е добро обучена. Многу од полицајците не знаат ни да читаат и пишуваат, делумно носат униформи, не им помагаат на луѓето“.

Über 50 Tote bei Anschlag in Taliban-Hochburg in Afghanistan
Фотографија: picture-alliance/ dpa

На полицијата и‘ се префрла дека не презема сериозни чекори против талибанците. Плашејќи се од нив, делови од полицијата дури соработуваат со талибанците, се вели. За Сардар Мухамед Зази, полициски шеф во Кандахар, овие обвинувања се без основа:

„Нашата полиција е тука да им служи на луѓето. Не трпиме сили кои не се придржуваат на законите.“

Авганистанскиот експерт за безбедност Мунир Ахмад има друго мислење. Тој критикува дека полицијата на југот од земјата речиси не е под контрола на владата. Најголемиот дел од регрутите се поранешни воени платеници од времето на советската окупација:

„Во Кандахар постои полиција, делумно во полициски униформи, но мнозинството од полицајците се чувствуваат се‘ уште како војници. Тие не чувствуваат обврска кон државата, туку клонат кон локалните господари на војната и нивните некогашни другари.“

Ваквата полиција треба в сабота да се грижи за безбедноста на парламентарните избори во јужниот дел од Авганистан. За голем дел од народот, причина повеќе да се држат подалеку од избирачките места, вели експертот Ахмад Мунир.

Автор: Ратбил Шамел/ Жана Ацеска

Редактор: Симе Недевски