1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

100210 Vancouver Olympia

12 февруари 2010

За Зимските олимписки игри во Ванкувер канадската влада инвестираше големи средства - со надеж дека големиот спортски настан ќе донесе финансиска добивка. Новите пресметки велат дека буџетот ќе остане со куси ракави.

https://p.dw.com/p/LxoX
Колку пари ќе „изгори“ олимпискиот оган во Канада?Фотографија: AP

Кога Жак Рог, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, во 2003 година соопшти дека Ванкувер ќе биде организатор на Зимските олимпсики игри во 2010 година, во Канада владееше вистинска еуфорија. Националниот олимписки комитет ветуваше преку 9,6 милијарди долари добивка, илјадници нови работни места и поголем број туристи од целиот свет. Уште пред една година, на почетокот на 2009, премиерот на канадската покраина Бритиш Колумбија, Џордан Кемпбел, во интервју за телевизијата СиБиСи порача: „Се движиме во рамките на предвидениот буџет при планирањето на Олимписките игри. Во меѓувреме се подготвени сите спортски борилишта. Олимпијадата за нас претставува и економски поттик, што ни влева оптимизам и ни овозможува да создадеме нови работни места.“

Лоша проценка?

Само неколку недели подоцна се проширија информациите дека трошоците за подготвките на Олимписките игри ќе ги надминат предвидените буџетски средства. Првичните калкулации за игрите во Ванкувер се движеа околу 1,5 милијарди долари. Во меѓувреме станува збор за 5,6 милијарди. Од предвидените 9,6 милијарди долари добивка, во државните буџет ќе се слеат не повеќе од една милијарда. Со тоа финансискиот биланс на Олимписките игри ќе донесе загуба од цели 4,6 милијарди. Како причини за ваквиот финансиски дебакл експертите ги наведуваат светската економска криза, како и погрешните пресметки на владата и на Националниот Олимписки комитет.

Olympische Spiele 2010 Canada Vancouver Vorbereitung
Зимски олимписки игри покрај вода: специфика на ВанкуверФотографија: AP

Канадската влада на ваквите песимистички пресметки сега им ги спротиставува аргументите дека Игрите ќе донесат долгорочни придобивки за туристичката бранша како во Ванкувер, така и во целата земја. Портпаролот на Министерството за туризам, Венди Андервуд, е уверена дека вложувањата на владата од 2,8 милијарди долари за Олимпијадата и за инфраструктурните објекти во земјата на крајот ќе се исплатат. „Во изминатите повеќе од пет години имаше цела низа градежни активности и развој на инфраструктурата во Ванкувер. По Олимписките игри ќе имаме далеку подобра инфраструктура, а освен тоа ќе имаме и придобивки од подобрениот имиџ на земјата на меѓународен план, бидејќи Олимписките игри ќе ги следат само преку телевизија повеќе од три милијарди луѓе.“

Слаба инвестиција

Во јавната дебата во Канада околу финансиските ефекти од Олимписките игри се вклучија и експерти, кои имаат спротивно мислење. Сет Клајн од Центарот за политички алтернативи смета дека позитивните финансиски ефекти ќе бидат ограничени на двете недели додека се одржуваат Игрите: „Многу се сомневам дека ќе има такви дологорочни ефекти. Не сметам дека Игрите нема да имаат никаков ефект на бруто-домашниот производ и на пазарот на работна сила. Но, се прашувам дали е тоа вредно шест милијарди долари. Прашање е колку ќе добиевме доколку истите шест милијарди ги инвестиравме во нешто друго? Сметам дека можевме подобро да ги инвестираме тие пари.“

Olympische Winterspiele 2010 Vancouver Flash-Galerie
Последни подготовки пред стартот на ИгритеФотографија: AP

Ќе отплаќаме цел живот

На Крис Шо, канадски лекар и противник на одржувањето на Олимписките игри во Ванкувер, многу лесно му паѓаат на памет идеи каде би можеле да се вложат спомнатите средства. Со нив можевме да го финансираме медицинското истражување за Алцхајмеровата болест во наредните 10 години, вели лекарот Шо. Наместо тоа сега Ванкувер лежи на долгови, што на крајот ќе мора да ги отплати даночниот обврзник. „Сите ќе ги отплаќаме овие Игри до крајот на животот. Можеме да спориме околу тоа дали Олимписките игри нема да бидат придобивка во однос на националната гордост, вниманието на меѓународната јавност и чувството на среќа кај дел од нацијата, но во финансиски смисол тие не се исплатливи“, нагласува лекарот Крис Шо.

Автор: Дерте Кајлхолц/ Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска