Канада се откажа од Кјото-протоколот
13 декември 2011Кјото-протоколот не функционира зашто големите предизвикувачи на издувни гасови, како Кина и САД, го одбиваат учеството во него, изјави канадскиот министер за екологија Питер Кент. Канада го критикува и фактот што договорот за ограничување на емисијата штетни гасови важи само за индустриските, а не и за земјите во забрзан развој и неразвиените држави. Со истапувањето, Канада го избегнува и плаќањето казни во висина од 13,6 милијарди долари поради непридржувањето кон климатските цели.
„За да ги исполниме целите од Протоколот за 2012 година, ќе треба да ги запреме камионите, автомобилите, тракторите, амбулантните возила и полициските автомобили“, изјави Кент. Според него, државата ќе работи за нов глобален договор, со кој сите држави во светот ќе бидат обврзани да ги намалат емисиите на штетни гасови.
Питер Кент го објави повлекувањето откако се врати во Отава од конференцијата за заштита на климата, одржана во јужноафриканскиот град Дурбан, каде беше постигната согласност да се продолжи за пет години валидноста на Кјото-протоколот и да се преговара за нов договор.
Автор: ЖА/ ЕМФ/ дв
Редактор: Александра Трајковска