Камерон: Треба да се подготвиме за многу тешки вести од Алжир
18 јануари 2013Ваквата информација за агенцијата Ројтерс ја пренесе член на алжирските безбедносни сили. Агенцијата ДПА, пак, јавува за конфузија околу информациите кои стасуваат од терен и ја пренесува изјавата на норвешкиот премиер Јенс Столтенберг, кој вчера вечер изјави дека нема јасна информација што се случило со заложниците, како и дека официјалната информација од Алжир е конфузна и некомплетна.
Нападот на безбедносните сили врз комплексот за гас во пустината на истокот од Алжир, во близина со либиската граница, продолжил и во текот на ноќта, информираше алжирската државна агенција АПС.
Екстремистите блиски до Ал Каеда ја заземаа гасната централа Ин Аменас во Сахара во средата, а причината за тоа ја објаснија со француската воена интервенција против исламистичките бунтовници во соседен Мали, каде исламистичките сили се обидуваат да ја заземат цела територија и да ја соборат владата. Меѓу заложниците има 41 странски државјанин. Некои од заложниците успеале и да побегнат, информираа француски и алжирски медиуми. Алжирската АПС информираше дека 600 алжирски и четири странски работници биле ослободени за време на воената интервенција во гасната централа. Сепак, точниот број на киднапирани, убиени и ослободени е непознат.
„Се’ уште ги немаме бројките. Треба да се подготвиме за можноста за дополнителни лоши вести, многу тешки вести, во оваа екстремно тешка ситуација“, рече британскиот премиер Дејвид Камерон.
Неговата влада, како и тие од САД, Франција, Норвешка, Исланд и Јапонија потврдија дека нивни граѓани се меѓу заложниците. Европските влади побараа информација за судбината на заложниците. Тие се пожалија дека биле информирани за воената интервенција дури откако таа започнала. Акцијата во алжирскиот комплекс за гас се одвиваше со хеликоптери и трупи на теренот.
Поради инцидентот во Алжир шпански, норвешки и британски нафтени компании соопштија дека започнале со евакуација на работниците од алжирските енергетски постројки.