1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Камбоџанската полиција пукаше во текстилните работници

ЕМФ/дв3 јануари 2014

Во акција на воената полиција против илјадници текстилни работници кои протестираа во Камбоџа, убиени се повеќе луѓе. Работниците веќе две недели штрајкуваат барајќи повисоки плати.

https://p.dw.com/p/1Aki7
Фотографија: Reuters

При акција на армијата во Пном Пен, според информации на очевидци и борци за човекови права, се убиени најмалку тројца демонстранти, а има и повеќе повредени. Припадниците на воената полиција вооружени со огнено оружје отвориле оган врз демонстрантите пред една фабрика во предградие на Пном Пен кои фрлале со камења, шишиња и молотови коктели. Фотограф на агенцијата АФП изјави дека полицајците прво пукале во воздух, а потоа стрелале врз демонстрантите. Портпарол на воената полиција рече: „Ние само ја исполнуваме нашата обврска, улога и задача. Сега ја обезбедуваме ситуацијата.“

Текстилните работници бараат двојно зголемување на платите, кои во моментов изнесуваат 80 долари (околу 57 евра). Зголемување на платите на 95 долари, како што предлага владата, е неприфатливо за синдикатот.

Protest Textilarbeiter in Kambodscha
Фотографија: Tang Chhin Sothy/AFP/Getty Images

Текстилната индустрија, каде се вработени околу 650.000 луѓе и која со години бележи се‘ поголем обрт, е најголемата извозна бранша во Камбоџа. Со приход од повеќе од пет милијарди долари таа е најважниот извор на девизи за сиромашната азиска земја. Околу 400.000 работници работат за интеранционални модни брендови, како Гап, Најк и Х&М.

Текстилните работници имаат поддршка од опозицијата во Камбоџа, која и самата повика на протести против власта поради, како што тврди, изборен фалсификат и кражба на повеќе од два милиона гласови на изборите одржани во јули.