Камбек на брадата
9 јуни 2012Дали на модните писти во Милано, Париз и Берлин или во високото друштво - брадата е повторно салонска мода. Ја носи и Лапо Елкан, наследникот на Фиат, исто како и синот на британскиот банкар Дејвид Де Ротшилд, некогашниот германски тениски ас Борис Бекер или британската фудбалска икона Дејвид Бекам.
Дури и во рекламите мажите со бради се се’ поприсутни. Што тоа се случи одеднаш?
„Брадата е симбол на мажественост, пред се’ на вистинската мажественост. И токму во кризни времиња, повторно се очекува од мажите да бидат мажи во вистинска смисла, бидејќи можеби жените чезнеат за класичен тип на маж, но секако тоа е само клише“, вели модниот експерт Бернард Рецел.
Судејќи според одушевеноста на женскиот свет, изгледа дека воопшто не им пречи кога холивудските ѕвезди како Роберт Петисон и Кристоф Валц одеднаш ќе пуштат брада.
И на улиците на Берлин се побројни се оние кои носат бради. Или со други зборови, брада носат речиси сите. Еве што велат граѓаните:
„Брадата го менува изгледот и ве прави помажествени“.
„Па убаво е, а зад тоа стои мажественоста“
„Убаво ми стои, така ми вели девојката“.
„Мажот изгледа понегуван кога е избричен, но и понежен“.
„Зависи дали мажот е негуван или не... ако е, тогаш брадата поубаво му стои“.
„Секое утро одлучувам дали да ја оставам да потпорасне или делумно да ја избричам, така постојано се менувам“.
„Брадата е откриена како втора фризура, првата е онаа на главата, а на лицето втората. Со тоа што сокрива дел од лицето брадата открива нешто за нас“, објаснува Бернард Рецел.
Силвестер Шихан носи брада од една едноставна причина - како манекен така полесно доаѓа до работа.
„Тоа е генерално така, мораш да ги следиш трендовите. Почесто те бараат, како сега, кога е брадата во мода“, вели Шихан.
Силвестер Шихан редовно оди кај својот фризер, берлинската ѕвезда Шан Рахимкан.
„Не смее да изгледа премногу негувано. Доколку е перфектно избричена, и перфектно потстрижена, тогаш делуваш како диктатор од таму некоја земја. Тоа е одвратно. Тој треба да изгледа поопуштено. Кога некој носи брада, тоа е одреден стил. Мораш комплетно да стоиш зад тоа, облеката мора да се прилагоди, фризурата, итн...“, вели Рахимкан.
Вистинските мажи во турбулентни времиња очигледно се многу барани.