1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како ја преживеав Сребреница?

11 јули 2011

Незир Ѓозиќ е пензионер. Три месеци по пеколот во Сребреница во јули 95-та година се криеше преживувајќи низ околните шумите, се’ додека не беше заробен. Покрај се’ беше меѓу првите, кои се вратија во Сребреница.

https://p.dw.com/p/11sYp
СребреницаФотографија: picture alliance/dpa

Незир Ѓозиќ живее сам во едно село во близината на Сребреница. Со сигурност е еден од последните Бошњаци протеран од Сребреница во 1995 година, но исто така и еден од првите, кои по војната се вратија назад. На јулските денови во 95-та година и заземањето на енклавата од страна на војската на Ратко Младиќ, Незир вака се сеќава: „Се пукаше, се пукаше неколку денови, се криевме од гранатите, меѓутоа кога видовме дека српската војска се приближува кон нашите куќи, го напуштив селото.“

Srebrenica
Незир ЃозиќФотографија: DW

Незир ја остави куќата, имотот и се’ што стекнал во животот, работејќи во шумарството, како мајстор со моторна пила. Со себе понел малку леб во торбичка, оти друга храна немало, а во Поточари не смеел да оди. „Се плашев, велам отворено, да не останам таму, можеби и би останал да отидев.“

Пат со неизвесен крај

Со илјадници други Незир тргнал кон неизвесноста. „Ни велат се оди на Буљим, од таму на Коњевиќ поле, па на планината Удрч. Имав слушнато за Удрч, но не знаев каде е тоа.“

„Одевме низ шумата во колона“, раскажува Незир, „кога одеднаш почна престрелка“, колоната западнала во заседа. Паднав на едно дрво, а околу мене паѓаа мртви и ранети. „Оттаму слушам повик преку мегафон: излегувајте, предадете се, овде е меѓународниот црвен крст, заштитени сте, овде е амбуланта, излезете и земете ги ранетите, јас не верував и не сакав да одам таму.“

Familie Djozic
Членови на семејството на ЃозиќФотографија: DW

Тргнав назад, околу мене беше ужас, пред очи ми е сликата на човек без двете подколеници, раскажува Незир: „Не се уплашив, но се вкочанив кога го видов човекот, кој вриштејќи говореше, немојте браќа да ме оставате. Беше ранет од граната или зоља, немаше едно око. Целиот беше облиен во крв и двете нозе од колената надолу му беа откинати, крв лиеше, а тој потпирајќи се на раце се повлече низ еден поток“.

Лутајќи низ шумата Незир наишол на некој роднина и двајца соседи. Се обиделе да стигнат до Тузла. Патот во Коњевиќ поле и српската заседа некако ја поминале, ја искачиле и планината Удрч, хранејќи се со по некое диво овошје што го нашле. Меѓутоа минските полиња во Снагово значеле крај на патот. „Гладни и исцрпени решивме да се вратиме“, раскажува Незир.

Скривалиште во близина на Сребреница

По еден месец лутања, Незир и неговите сопатници се вратиле во близина на неговата куќа и со помош на церада, која ја нашле направиле колиба. „Гледавме по некои соседи, Срби, како работат на имотите. Сакав да им се јавам на некои, но не се осмелив“, раскажува Незир, оти со нив биле непознати луѓе, српски бегалци ја окупираа Сребреница. „Така што тука се криевме до 18 октомври 1995 година и тогаш не’ зароби српската војска и полиција.“

Moschee Djozici
Џамија во селото на ЃозиќФотографија: DW

„Некако не’ открија, а бидејќи не бевме вооружени моравме да се предадеме“, се сеќава Незир. Тој дури и познавал некои од полицајците кои го заробиле, вели дека не ги малтретирале и ги спровеле до затворот во Фоча. После три месеци биле размененети. „На трети февруари 1996 година бев разменет во Сараево.“

По ослободувањето Незир пронашол некои од преживеаните членови на семејството и некое време живеел во Сребренка крај Тузла. Меѓу првите се врати назад, прво во шаторската населба, а подоцна и во својата куќа, во која денес живее мирно. Секој 11 јули присуствува на одбележувањето на масакрот во Поточари.

Автор: Маринко Секулиќ Кокеза/ Александра Трајковска

Редактор: Борис Георгиевски