1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Струга има друга - Тетово

Катерина Блажевска25 јуни 2013

Советите во Струга и Тетово немаат мнозинство, не можат да носат одлуки, на градоначалниците им се врзани рацете, а најголемата штета ја трпат граѓаните.

https://p.dw.com/p/18vNJ
Фотографија: Milco Jovanoski

Поминаа три месеци од завршувањето на локалните избори, а општините Струга и Тетово се' уште не можат да изберат претседател на Советот. Во Струга, советниците Македонци се повикуваат на фактот дека се мнозинство и дека согласно со изборните резултати претседавачот треба да биде Македонец, односно од редовите на коалицијата „Заедно за Струга" што на локално ниво ја востановија ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тие заедно имаат 11 советници, ДПА која го освои градоначалничкото место - 7, ДУИ 5, Пеи 2 и исто толку НДП.

Еден блок раѓа друг блок

Градоначалникот Зијадин Села неодамна оцени дека оваа блокада е последица од создавањето изборен етнички блок.

„Македонските политички субјекти заедно влегоа на локалните избори. Тоа не е добро ни за демократијата, ни за Струга, бидејќи македонски политички блок по автоматизам создава албански политички блок. ДПА победи сама. Не се договаравме со други политички субјекти. Затоа, никој не смее да не' уценува. Решавањето на проблемите во Струга треба да функционира врз принципот што го кажав: ќе бидам градоначалник на сите граѓани без разлика на нивната припадност. Таков пристап треба да имаат и партиите од македонскиот блок, а не само да се повикуваат на нивните 15.000 гласа. Во тој случај, може да се констатира дека јас сум градоначалник само на тие 20.000 граѓани што гласаа за мене. Тоа не е вистина. Јас сум градоначалник на 64.000 луѓе во општината", изјави Села.

Mazedonien Kommunalwahlen Zijadin Selja
Зијадин СелаФотографија: DW/M. Jovanoski

Тој смета дека не се исцрпени сите механизми за да се реши ова прашање. Но, Ристо Ќушкоски, носител на листа и претседател на општинската организација на СДСМ, вели дека последен пат се сретнал со градоначалникот пред еден месец. Не се сеќава дали единствената седница се одржала во мај или во јуни. Нема одговор како ваквата ситуација ќе се одрази врз животот на граѓаните, ниту до кога ќе трае блокадата.

„Не знам. Не сакам да прогнозирам. Ситуацијата е статус кво, но сепак општината функционира", вели Ќушкоски со извесна доза на рамнодушност.

Според Села, кризата во Струга „се измислува за да се прикријат реалните состојби што ги има ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Тетово". Тој смета дека двата проблема не може да се издначуваат.

Преговори во четири очи

И навистина не може. Во Тетово изборите поминаа без етнички блокови, а коалициските партнери на централно ниво, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, разговараат и за формирање коалиција на локално ниво. ДУИ има 12 советници, ДПА 10, ВМРО-ДПМНЕ 5, СДСМ 2. Хисен Џемаили, носител на листа од ДУИ, кој се спомнува како иден претседавач на Советот, вели дека се водат интензивни разговори за надминување на проблемот.

„Разговараме со ВМРО-ДПМНЕ, но не по принципот на коалициски партнери на централно ниво, туку по принципот на партија-победник во македонскиот блок. Преговорите се водат меѓу секретарите на двете партии, но досега нема резултат", вели тој.

Mazedonien Land und Leute Tetovo
ТетовоФотографија: Petar Stojanovski

Дел од партиските извори тврдат дека проблемот настанал затоа што „ДУИ не го испочитувал предизборниот договор со Македонците", дел тврдат дека таков договор воопшто не постоел и покрај податокот дека 3 до 4 илјади Македонци гласале за градоначалничката Теута Арифи.

Стојко Пауновски, пратеник и претседател на општинската организација на СДСМ, потврдува дека никој не разговара со нивната партија за овој проблем.

„Ние имаме само два советника, па затоа им се побитни петте советници на ВМРО-ДПМНЕ. Сите имаме интерес да се деблокира работата. Но, не можам да сфатам како два коалициски партнера на централно ниво не можат да се договорат на локално ниво. Тоа е безобразие и непочитување на изборот на граѓаните", потенцира Пауновски.

Цело лето на одмор

Кога Советите немаат мнозинство, не можат да носат одлуки, на градоначалниците им се врзани рацете, но поради блокираните општини, најголемата штета сепак ја трпат граѓаните. Според законот за локална самоуправа, крај на ваквата состојба може да се стави ако советниците се самораспуштат, а ако Советот не одржи седница во рок од 6 месеци, тогаш мандатот им прекинува по автоматизам. Во меѓувреме, блокадата не е никаква пречка градоначалниците да назначуваат в.д. директори во општинските претпријатија. Владо Поповски, универзитетски професор и носител на листата за советници за Советот на Град Скопје од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, проблемот го лоцира токму во битката за вработувања.

„Станува збор за борба за буџетски работни места. Таа се води со образложение дека имало претходно негативно наследство на заземање на тие места од друга етничка заедница. Во услови на голема невработеност, сега тие односи се политизираат и стануваат прилично бескомпромисни. Со тоа создаваат основа и за меѓуетнички тензии", вели Поповски.

Во двете општини се согласуваат дека нефункционирањето на Советот половина година е погубно за потребите и интересите на граѓаните. Сепак, веруваат дека нема да има потреба од нови избори, иако засега е најизвесно дека ова ќе им биде долго, топло и неработно лето.