1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како се шпионираат оптичките кабли?

Фабијан Шмит/ Симе Недевски8 август 2013

Гигантски количества податоци „пролетуваат“ секојдневно низ неброените оптички кабли ширум светот. Очигледно тие редовно се шпионирани. Понекогаш легално, но често и не. Технички тоа не е некоја висока уметност.

https://p.dw.com/p/192pk
Фотографија: picture-alliance/dpa

Речиси сите земји во светот бараат од своите разузнувачки служби да ја следат и обработуваат меѓународната телефонска комуникација. Поради тоа мрежните оператори- чии што линии одат надвор од границите на земјата- се обврзани на службите да им обезбедат пристап до оптичките кабли. Британската програма „Темпора“ на тој начин потполно легално имала пристап до информации. Барем до оние кои минувале преку британска територија.

Шпионирање и без знаење на операторите

Каблите со оптички влакна, меѓутоа, можат и тајно, без знаење на провајдерот, да се шпионираат. Сепак, не е се' толку едноставно. Стандарниот оптички кабел, кој се протега под земја, содржи 144 одделни стаклени влакна. Подводните кабли се составени од најмногу 8 стаклени влакна. Електронските податоци најпрво, со помош на ласер, се конвертираат во ултра куси светлосни бранови. Тие бранови претставуваат нули и единици од кои се состои секоја дигитална информација. На крајот на стаклените влакна е сместена една фото-диода, која повторно ги генерира импулсите во електрични.

Околу 10 милијарди такви светлосни импулси поминуваат за 1 секунда низ едно стаклено влакно. Секое влакно е во можност да пренесува за 1 секунда количество податоци од 1,2 до 5 гигабајти. Со оглед на тоа дека влакната не се потполно оптоварени, во пракса тоа одговара за количеството податоци кои можат да се сместат на 1 до 5 компакт дискови. Но информациите не одат бескајно далеку низ стаклените влакна, објаснува Клаус Дитер Лангер од Фрауенхофер институтот „Хајнрих-Херц“ од Берлин. „Стаклените влакна не се оптимално транспарентни, туку имаат природно пригушување. Низ едно дебело стакло исто така не поминува толку светлина како низ тенко.“

Регенаторите- најслаби точки

Затоа на сигналните кабли со оптички влакна им е неопходно, на речиси секои 80 километри, повторно да се засилат. Тоа се постигнува со т.н. регенератор, кој го имаат и подводните кабли. Преку бакарен кабел тие се снабдуваат со струја, која, заедно со каблите со оптички влакна, се протега по морското дно. И токму тие регенератори претставуваат најслаби точки. Каблите со оптички влакна тука лесно можат да се шпионираат, смета Лангер и објаснува: „Потребни се многу чувствителни апарати за мерење и јачината на сигналот би требала постојано да се следи. На тој начин би можело да се забележи кога јачината на сигналот одеднаш ќе почне да се намалува.“

Кога шпионот ќе пробие во стакленото влакно е пред големи предизвици, бидејќи мора да испита огромно количество на податоци. „Едно такво влакно, со 50-процентно оптоварување, во тек на еден час пренесува податоци од 10 терабајти. Со оглед на тоа дека местата за меморирање се ограничени, уметност е податоците од тие 10 терабајти да се обработат за еден час и да се филтрираат оние кои се бараат“, објаснува Лангер.

Селекција во море на информации

Многу податоци е особено тешко да се дешифрираат. Затоа најпрво е потребно привремено да се меморираат. Тајните служби мора да работат многу селективно за да не се загубат во морето од информации. Клаус-Дитер Лангер претпоставува дека затоа агентите не ги шпионираат сите влакна на еден кабел, туку се концентрираат на одредени мрежни оператори, кои се особено интересни. Лангер ја отфрла можноста за која неодамна шпекулираа одделни медиуми, дека за шпионирање била ангажирана американската подморница „Џими Картер“. „Сценариото со подморницата изгледа многу авантуристички.“

Breitbandkabel bei DE-CIX in Frankfurt am Main
Фотографија: AP
Rot leuchtende Glasfaserkabel
Фотографија: picture-alliance/dpa

Петар Франк, портпарол на компјутерскиот клуб „Хаос“ мисли поинаку. „Јас мислам дека е тоа апсолутно можно. Тоа е секако тајна која во никој случај не смее да излезе во јавност, но американските медиуми известуваа за тоа и таа теорија не е побиена.“ Франк има повеќе објаснувања како податоците од подморницата можеле да бидат испраќани во центрите во земјата: „Податоците можат да се филтрираат и згуснат и преку обични радио комуникации да се проследат до базната станица. Можно е да е оставен одреден апарат на морското дно. Тој собирал податоци кои потоа некое друго возило ги земало.“

Франк додава и дека е можно подморницата на јазлите да поставила и свој кабел со оптички влакна: „Тие места тешко можат да се пронајдат на морското дно. Исто така можам да замислам дека податоците се праќаат преку истиот кабел, со помош на т.н. „вбризгувач“, така што податоците кои се бараат, дешифрирани се уфрлаат на линии и се дочекуваат на некое друго место.“ Голем дел од меѓународната комуникација се одвива низ подводни кабли, вели Франк и додава дека затоа многу кабли со оптички влакна се шпионираат на разни места низ светот, а не само во матичните земји на тајните служби.