1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

231110 Irland EU Rettungsschirm

24 ноември 2010

Ирска се наоѓа пред банкрот, единствениот спас е финансиската помош од европскиот „чадор за спасување“. Од каде доаѓаат парите за фондот за справување со финансиски кризи и со колку средства учествува Германија во него?

https://p.dw.com/p/QGJa
Фотографија: picture-alliance/ ZB

Европската каса за итни случаи е тешка 750 милијарди евра - сума, што ретко кој може да си ја претстави. Со една третина од овие пари, значи со околу 250 милијарди евра, управува Меѓународниот монетарен фонд. Останатите 500 милијарди се во рацете на Европејците. Но, и тука има поделби, 60 милијарди се под раководство на Европската комисија и за нив се одговорни сите земји-членки на ЕУ. Останатите 440 милијарди, пак, се составени од придонесите само на 16-те земји-членки на еврозоната. „Обемот на средства, кои ни стојат на располагање е огромен. Со нив можат да се совладаат сите можни кризни слуачаи што можете да си ги замислите“, вели Клаус Реглинг.

Irländische Euromünze
Фотографија: picture alliance/dpa

Тој раководи со 440 милијарди евра на земјите од еврозоната, како шеф на таканаречената Европска институција за финансиско стабилизирање, со седиште во Луксембург. И доколку структурата на европскиот фонд за спасување е комплицирана, ништо полесно не е ниту да се дојде до тие средства. Меѓутоа, Ирска веќе ги стори првите чекори, односно поднесе официјално барање за финансиска помош до министрите за финансии на земјите од еврозоната. Тие генерално ја одобрија помошта за Ирска.

Според проценките, на земјата и` се потребни околу педесет милијарди евра, со цел да се избегне целосен колапс на банкарскиот систем. Санирањето на банкарскиот сектор, како и на буџетскиот дефицит, ја преоптоварија малата островска држава. Експерти од ЕК и од ММФ веќе се во Даблин, каде имаат две задачи. Како прво, да ја проценат ситуацијата, колку е сериозна кризата и колку средства точно и` се потребни на земјата? И како второ, да преговараат околу условите за помошта.

Се` мора да оди според планот

Brian Cowen Premierminister Irland
Премиерот Брајан Кауен не успеа да ја одбрани „ирската гордост“ - земјата мораше да се обрати за помошФотографија: AP

Пред земјата воопшто да стигне до парите што очајно и` се потребни, мора да се скрои конкретен план: колку ќе се штеди, како државниот буџет да ги зголеми приходите? Планот потоа не се заборава во нечија фиока, туку постојано се проверува дали земјата што побарала помош, навистина се придржува до условите. „Секои три месеци проверуваме дали има напредок и дали се исполнуваат ветувањата“, строго вели Оли Рен, европскиот комесар за монетарни прашања. Со него целосно се согласува и германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле:„Проверки се вршат секои три месеци и при секоја мала отстапка од планот, следуваат и последици, тоа е јасно.“ Последици - тоа значи дека ако условите не се исполнети, тогаш и финансиската помош, што исто така се уплаќа на три месеци, би можела да биде стопирана. „Се` друго не би било одговорно спрема толкава огромна сума на пари“, нагласува Шојбле.

Германскиот удел во фондот за справување со кризи е голем. Доколку на Ирска и` се потребни 90 милијарди евра, тогаш делот на Германија ќе изнесува 20 милијарди. Во секој случај, тоа не значи дека германскиот министер за финансии Шојбле ќе мора веднаш да му ги префрли парите на Даблин, бидејќи прво станува збор за кредитни гаранции. Тоа значи дека дури ако еден ден Ирска веќе не може самата да ги исплати сопствените државни кредити, на помош ќе дојдат даночните обврзници.

Автор: Андреас Ројтер/ Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска