Како Македонија да се доближи до Германија
27 март 2011Македонската литература е малку позната во Германија. Споредено со Србија, Хрватска, Босна, мал е бројот на преведените дела. Не е во прашање само силната конкуренција, туку пред се’, како потврдуваат сите – добриот превод со кој германскиот читател ќе има шанси да се запознае со македонската книжевност која е богата, креативна и посебна. И како вели Антје Контиус, раководител на Фондацијата Фишер, која е дел од преведувачката и литературната мрежа Традуки - решавачко е да се создадат добри преведувачи. Ова е процес и треба да се има трпение.
„Имаме мала група од двајца-тројца преведувачи кои на македонската литература и‘ го даваат германскиот глас, кои не се врзуваат за преработките од поранешната југо - сцена и кои вистински сакаат да ја преведуваат македонската литература како своја и посебна. Би го истакнала Бенјамин Лангер, кој е своевиден адвокат на македонската литература во Германија, кој е темелен и на германски неверојатно ги доловува македонската атмосфера и дух“, истакнува Контиус.
Потребна е поголема заинтересираност
Но, за добрите преводи, покрај време, потребни се и пари. Не само од Традуки и од заинтересираните издавачи, туку и од земјите од регионот:
„Не е доволно да се преведе една книга. Мора да се рекламира, да се организираат читања, многу да се разговара со претставниците на медиумите и да им се објасни во што е посебноста на македонската литература. Дека треба да се обрне внимание на овие автори зашто имаат свој сопствен раскажувачки ракопис кој се разликува од другите, од соседите“, кажува и Лојзе Визер, прв човек на истоимената издавачка куќа од Австрија, која стои зад романот „Ервехе“ на Луан Старова, зад книгата за архитектурата на Скопје, а ќе го печати и последното дело на Лилјана Пандева. Но, до сега, како кажува Визер, се’ е на нивна иницијатива. Затоа, смета тој, би имало смисла доколку македонската културна политика повеќе се ангажира и е подготвена да инвестира во ваквата работа. Со тоа ќе се направи многу не само за преводите и културата, туку и долгорочно ќе се успее преку преведените дела регионот и неговата приказна да го доближат до овие луѓе тука. Тоа е една мировна политика.
Да не се заобиколи Лајпциг!
Визер има забелешки и на незаинтересираноста на македонската страна која се огледа и во тоа што не најде сили да се претстави на саемот на книгата во Лајпциг.
„Моментно не гледам партнер од македонската страна со кого би можело да се разговара“, е коментарот на Лојзе Визер, кон кого се приклучува и Контиус.
„Знам дека е тешко. Претстојат избори, има политички околности. Но, станува збор за крајниот ефект. За една мала сума. Секоја година Македонија со еден голем штанд се претставува на Саемот во Франкфурт. Ехото и прифатливоста оттаму се мали, зашто станува збор за огромен саем. Се вложуваат многу пари, а ги нема за презентација во Лајпциг, каде има вистинска реклама на авторите и земјата!“
Сепак нешто се прави!
Инаку, кога станува збор за преведувањето на македонските автори на германски, сигурно е дека во септември издавачката куќа „Хансер“ од Минхен, во едицијата „Лирски кабинет“ ќе го претстави Никола Маџиров. Лина Музур од Хансер вели дека многу е тешко македонските автори да го пробијат патот до германскиоит читател, но смета дека работите одат на подобро:
„Се‘ повеќе слушам за интересни автори од Македонија, кои почесто се преведуваат на германски. Пред неколку години беше поинаку...Немаше никој. Мое чувство е дека сепак нешто се прави“.
И издавачката куќа „Дитрих“ од Берлин од минатата есен со „Едицијата Балкан“ вниманието го свртува на творците од регионот.
„Македонија е во план! За жал се’ уште немаме ништо конкретно. Но, имајте не‘ во предвид, порача и Карлина Кориц, одговорна за „Едцицијата Балкан“ на издавачот „Дитрих“.
Автор: Силвера Падори-Кленке
Редактор: Жана Ацеска