1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како заврши диктатурата на Садам

9 април 2007

На девети април пред четири години заврши ерата на еден диктатор. Како дојде до падот на Садам Хусеин не потсетува Марлис Шаум.

https://p.dw.com/p/Abxu
Неславен крај на диктаторот
Неславен крај на диктаторотФотографија: AP

Ирак во 1990. Садам Хусеин има проблем: по војната против Иран во осумдесеттите години неговата државна каса е празна. На втори август 1990 го нападнаа соседниот Кувајт богат со нафта.

Само еден ден по нападот СБ донесе одлука за економски санкции против Ирак.

Диктаторот тогаш беше присилен на својот народ да му ги рационализира средствата за живот. Но, не сакаше да се предаде. На 17 јануари 1991, на американската нација и се обрати тогашниот претседател Џорџ Буш.

„Сојузниците започнаа со воздушни напади на воени цели во Ирак и Кувајт. Нападите се одвиваат сега додека говорам. Во нив се уште не се вклучени и копнени трупи. Садам Хусеин пред пет месеци ја започна таа страшна војна против Кувајт. Минатата ноќ му објавивме војна“.

Единаесет дена подоцна војната заврши.

Но, економските санкции на ОН и понатаму останаа на сила. ОН усвои Резолуција 687 која Багдад ја прифати. Во Резолуцијата покрај останато стоеше: Ирак од сега не смее да произведува и купува никакво оружје за масовно уништување ниту ракети чиј дострел е над 150 километри.

Инспекторите на ОН требаше да го надгледуваат уништувањето на ирачкото оружје, но Садам Хусеин постојано ги попречуваше во работата.

Во март 1996 година за првпат одби да му биде контролирана една воена постројка. Две години подоцна, ОН ги повлекоа своите инспектори од Ирак. Садам Хусеин систематски саботираше нови преговори.

Но, во 2001 се промени тонот на западот кон Ирак. Нов американски претседател стана Џорџ Буш Јуниор. Тој потенцираше дека Садам не ја почитува резолуцијата на ОН, а никогаш не бил казнет за тоа. Требаше да уследат нови санкции.

Во меѓувреме се случија терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година. Америка реагираше уште поостро. Џорџ Буш Јуниор изјави дека има докази оти Ирак поседува оружје за масовно уништување и дека постои поврзаност на оваа земја со меѓународниот тероризам. На 11 септември 2002 година Буш, говореше пред ОН:

„Ако ирачкиот режим сака мир, треба веднаш и безусловно да се оркаже од понатамошно производство на сите видови оружје за масовно уништување како и на ракети со долг дострел. И да го покаже оружјето што го поседува и да го уништи. Доколку ирачкиот народ сака мир тогаш треба веднаш да прекине со поддршката за терористите и да помогне во нивното совладување, на што се обврзаа според резолуција на ОН“.

Една недела подоцна Садам Хусеин сигнализираше подготвеност да им дозволи влез на меѓународните инспектори во земјата. Во ноември 2002 во ОН е донесена нова резолуција 1441, според која Ирак во рок од триесет дена треба да биде разоружан. Багдад го прифаќа условот, инспекторите дојдоа во земјата, а им беше дозволена да ја проверат и палатата на Садам Хусеин.

На 7 декември 2002 ОН го објавија првиот извештај за програмата за вооружување на Ирак. САД имаше забелешки дека текстот е полн со нејаснотии како и дека Ирак не соработува доволно. По налог на американскиот претседател, тогашниот министер за надворешни работи на САД, Колин Пауел го зголеми притисокот во ОН:

„Колеги, време е СБ да му испрати јасна порака на Садам, дека нема да му дозволиме да не лаже со својата тактика. Никој не сака војна, но јасно е дека ограничениот напредок којшто го видовме дојде само поради тоа што во состојба на готовност е една голема воена сила. Нации кои се подгтотвени да ги жртвуваат своите млади луѓе за светот да се ослободи од тоа опасно оружје“.

На 16 март 2003 година, на Азурските острови, се состанаа американскиот претседател Буш, британскиот премиер Блер и шпанскиот Азнар. Му дадоа рок на Садам од 24 часа во кој треба да се разоружа или да замине во егзил. Ирачкиот диктатор го одби ултиматумот. Четири дена подоцна медиумите објавија:

„САД со воздушни напади започнаа војна против Ирак.“

На 9 април 2003,американските трупи го заземаа Багдад. Дваесет и четири годишното владеење на Садам Хусеин заврши.