1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како е структуриран енергетскиот систем во Македонија?

Горан Петрески 9 јануари 2009

Според првичните проценки, гасната криза не требаше да остави големи последици во Македонија. Но, сега пристигнуваат предупредувања дека енергетскиот систем на земјата е пред колапс.

https://p.dw.com/p/GUx0
Мерач на електрична струјаФотографија: AP

Додека целиот Балкан и половина Европа се смрзнува поради руско-украинскиот спор околу природниот гас, на Македонија и’ се заканува студ поради кревкиот енергетски систем. Во услови на остра зима со екстремно ниски температури можни се испади на дотраената електро-мрежа.

Македонија е рекордер во Европа според потрошувачката на електрична енергија по домаќинство. Само во главниот град има централно греење за кое се користи мазут или гас. Останатите градови во земјата се греат на електрична струја или на дрва.

Оваа лоша структура, базирана на електричната струја како главен енергенс, ја става Македонија во многу неповолна состојба, предупредува енергетичарот професор д-р Ристо Цоцонков.

МЕПСО и ЕВН со меѓусебни обвинувања

Додека Европа е фокусирана на спорот меѓу руската компанија „Гаспром“ и украинскиот енергетски концерн „Нафтогас“, во Македонија се заострува спорот помеѓу државната компанија за пренос на електрична струја МЕПСО и австриската дистрибутивна компанија ЕВН. Тоа дополнително ја компликува енергетската слика на Македонија.

Има ли доволно електрична струја за претстојните студени зимски денови или можни се рестрикции? Портпаролите на двете скарани компании, Ленче Карпузовска и Никола Стојанов, наместо одговор, се огласија со меѓусебни обвинувања за честите дефекти и прекини во снабдувањето со електрична енергија на цели населби и региони.

Кризата со недостиг на природен гас во Европа не влијае директно врз кревката енергетска состојба на Македонија, но дополнително ја отежнува состојбата. Македонија не треба да ја смета за предност слабата искористеност на гасот и да биде спокоен набљудувач на спорот меѓу Москва и Киев, предупредуваат експертите.

Енергетичарот Цоцонков смета дека дополнителен товар за Македонија е зголемената побарувачка на електрична енергија во Европа по секнувањето на рускиот гас.

Македонија падна во енергетска криза по затворањето на бугарската нуклеарна централа „Козлодуј“. Македонската академија на науките и уметностите подготвува стратегија што треба да понуди решение за долгорочна енергетска стабилност. Најголемиот број предлози на експертската јавност предвидуваа инвестиции во нови енергетски капацитети, како и гасификација на земјата.