1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како до членство во НАТО и ЕУ?

26 јануари 2012

„Имате ли искрена намера да ја внесете Македонија во НАТО и ЕУ и како ќе го постигнте тоа?“, праша денеска (26.01) пратеникот Тито Петковски обраќајќи му се на премиерот. Во парламентот се зборуваше и за аферата Телеком

https://p.dw.com/p/13qFl
Фотографија: AP

На седницата на парламентот на дневен ред денеска - пратенички прашања. Откако забележа дека се троши времето за нарачани прашања од страна на пратениците од парламентарното мнозинство, пратеникот на НСДП Тито Петковски му постави на премиерот прашање во врска со македонските евроатлански интеграции.

Македонија по шест години од Вашиот мандат е загубена на патот по кој тргна, оцени Петковски. Оваа година не треба да се очекува ниту датум за преговори и членство во НАТО. „Периодот што следи е безнадежен и за сето тоа ја обвинувате меѓународната заедница“, констатираше Петковски и праша:

Tito Petkovski Mazedonien
Тито Петковски до Никола Груевски: „Имате ли чесни намери да ја внесете Македонија во Еу и НАТО?“Фотографија: DW / Stojanovski

„Имате ли чесни намери да ја внесете земјата во ЕУ и НАТО и со која политиката ќе го реализирате тоа?“

Груевски одговори:

„За целиот период сум целосно посветен на зачленување на Македонија во ЕУ и НАТО и резултатите постигнати во мојот мандат се далеку позначајни од се‘ што Вие како политичар и партијата на која сте приврзок го направивте во 13-14 години додека бевте на власт“.

Груевски рече дека потврда на посветеноста на неговата влада на планот на евроатланските интеграции се: самитот во Букурешт, каде било јасно кажано дека Македонија ги исполнува сите услови за членство во НАТО, препораката за добивање датум за почеток на преговорите од страна на Европската комисија и најзначајното достугнување на овој план - визната либерализица.

Петковски нека објасни што значи тоа да бидеме рационални во однос на спорот за името, рече Груевски. „Дали тоа значи дека треба да ги прифатиме сите грчки барања?“, возврати со прашање Груевски.

Макрадули: Зошто Шврговски молчи за аферата во Телеком?

Пратеникот Јани Макрадули ја отвори повторно актуелната афера со Телекомот. Тој упати директно прашање до Јавниот обвинител Љупчо Шврговски. „Зошто Јавното обвинителство молчи за оваа афера и чии интереси штити“?

Ljupco Svrgovski Staatsanwalt Mazedonien
Љупчо Шврговски: Надвор од памет е да се каже дека ние криеме некакви фактиФотографија: Petr Stojanovski

„Весникот Шпигел ја објави аферата уште во 2008 година, но тоа не допре до Вас. СДСМ не бега од оваа афера и бара до крај да се расчисти. Зошто Вие од 2008 година наваму не се обидовте да најдете ниту еден виновник за оваа афера? За кого ја жртвувате вашата кариера?“, праша Макрадули.

На ова Јавниот обвинител Шврговски му одговори дека целата работа со аферата Телеком се користи за манипулација и ширење невистини во јавноста, на кои ниту „мали деца не би поверувале“:

„Тврдењата на Макрадули не кореспондираат со вистината. Кој може да поверува во приказните дека ние имаме докази, а не сакаме да поведеме постапка за нив? Надвор од памет е да се каже дека ние криеме некакви факти за вклученост на македонски функционери во аферата Телеком. Ние немаме докази за такво нешто. Ако американските судски органи имаат имиња, нека ги обелоденат“, рече обвинителот Шврговски.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска