1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како до стипендија за студирање во странство?

8 март 2011

Според истражувањето на невладината организација „Младински образовен форум“, на тема мобилност на студенти и академски кадар, се’ потешко е да се обезбеди стручно усовршување во странство.

https://p.dw.com/p/10GTg
Универзитетскиот кампус во СкопјеФотографија: MIA

Кои се пречките што се испречуваaт пред младите, кои сакаат своето образование да го дооформат надвор од Македонија? Какви се искуствата на оние кои успеале да најдат начин да стигнат до универзитетите во странство? Александра Меноска е апсолвент на државниот економски факултет во Скопје. Еден семестар посетувала настава на англиски јазик на Факултетот за администрација во Љубљана. Александра иако добила стипендија преку економскиот факултет, смета дека мали се шансите да се студира во странство, зошто според неа мал број на студенти можат да добијат стипендија: „Доколку одреден студент сака да се пријави да студира во одредена странска земја, мислам дека тоа полесно ќе го овозможи, доколку сам се пријави на странските факултети, а не да оди директно преку својот факултет. Имено, многу малку стипендии се доделуват преку македонските државни факултети поради договорите кои се направени со странските факултети.“

Mazedonien NGO Youth Educational Forum
Александра МеноскаФотографија: Vladimir Kalinski

Одлична настава, опремени предавални и амфитеатри, но и професори целосно достапни за студентите - Александра Меноска раскажува за квалитетот на студирањето во Љубљана: „Сите македонски студенти се фасцинирани од тоа како изгледаат пред се’ факултетите, како се средени, каква им е организацијата. Студентите исто така се добро организирани, иако се жалат на некои недостатоци, но за нас тоа е совршенство. Постојат студентски организации кои се грижат за студентите, се борат за да ги добијат тие позиции, што тоа кај нас не се случува.“

Мобилноста на многу ниско ниво

Невладината „Младински образовен форум“ (МОФ), направи истражување на тема мобилност на студенти и академски кадар. Истражувањето е спроведено на седумте факултети кои се дел од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Резултатите покажале дека се’ уште има факултети на кои ниту еден студент не искористил некоја од програмите на Европска унија за мобилност, а како краен заклучок е дека мобилноста на студентите и на академскиот кадар во Македонија се на многу ниско ниво.

Mazedonien NGO Youth Educational Forum
Атанас ДимитровФотографија: Vladimir Kalinski

Атанас Димитров е асистент за односи со јавност кој учествувал во анализата на студентската и академската мобилност: „Генералниот проблем со кој ние се соочивме кога ги собиравме резултатите од истражувањето е дека прво не постојат доволно промотивни активности за да се информираат студентите и професорите за мобилност. Ниту еден од истражуваните седум факултети на државниот универзитет нема канцеларија за мобилност, или каков било орган кој што би ги информирал студентите и професорите. Кај нас факултетите едноставно не ги промовираат стипендиите, не ги промовират програмите за мобилност“, вели Димитров и додава дека интересот на странските студенти за студирање на Универзитетите во Македонија се намалува од година во година: „Интересот на странските студенти исто така се намалува, најверојатно поради турбуленцијата, која се случува моментално со нашите факултети кои се членки на универзитетот. Така што, секоја година има помал број и ниту еден професор и асистент не дошол на нашиот факултет да се доусоврши на некој од нашите факултети, што покажува потреба или подобро да се промовираат или да го подигнат квалитетот на предавањето.“

Mazedonien NGO Mladi Info
Антоанела ИвановаФотографија: Vladimir Kalinski

Недостиг на програма на англиски јазик

Недостигот на информации е еден од проблемите, но пречка за младите да патуваат се и документите кои треба да ги подготват, вели за Дојче веле Антоанела Иванова, претседател на невладината „Млади инфо“. „Од друга страна младите колку навистина сакаат да заминат некаде, од она што ние како искуство можеме да го пренесеме од изминатите години, е што навистина се заинтересирани, меѓутоа кога ќе увидат што се’ треба да направат за да заминат, иако од наша перспектива тоа не е толку многу ако замете предвид дека треба да аплицирате за стипендија, која некој ќе ви ја даде и која доста скапо чини, сепак треба да се потрудите навистина да ја добиете. Прв проблем со кој се соочуваат младите е процесот на подготовка на документите, особено тестовите по англиски јазик, кои се основно средство за заминување во странство.“

Schule PISA Englisch Unterricht Schulklasse Tafel Schüler
За странските студенти потреба е настава на англиски јазикФотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb

Државните факултети не нудат настава по англиски јазик вели Антоанела Иванова и тоа е главната причина што студентите од странство, но и од регионот слабо ги посетуваат факултетите во Македонија. „Многу слабо не посетуваат од единствена причина што нашите факултети не нудат програма на англиски јазик, што не е случај со универзитетите во Европа, па и во регионот. Голем број од нив нудат можности да студирате на англиски, за кои што можете да аплицирате за стипендија. Тоа е нешто на што мора да се работи во иднина“, објаснува Иванова и додава дека мобилноста е значајна од неколку аспекти: за лично усовршување, можност на студентот да види како размислуваат неговите врсници во странство, но и наученото да се пренесе во својата земја.

Автор: Владимир Калински

Редактор: Александра Трајковска