1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како до конкурентен заеднички производ?

Костадин Делимитов12 декември 2013

Иницијативата за засилен пробив на странските пазари преку заеднички производи е добра идеја но проблематична за реализирање, коментираат стопанствениците.

https://p.dw.com/p/1AXhq
Фотографија: Fotolia/Alina G

Преку здружени компании и заеднички производ до зголемен извоз. Ова е сугестијата на Стопанската комора на Македонија за унапредување на извозот и освојување на трети пазари. Првиот човек на најголемата бизнис асоцијација во земјата Бранко Азески предупредува дека високата концентрација на македонскиот извоз во само неколку земји може да има негативни последици по неговиот натамошен раст, имајќи ги предвид проекциите на ММФ за економските активности на глобално ниво и одделно по региони за 2014 година. Конкретни мерки и активности според него треба да преземат сите засегнати, компаниите, коморите и државата:

„Окрупнувањето на македонската економија и здружувањето на компаниите во поголеми кластери е најважно за поддршка на извозот, бидејќи како мали, фирмите не можат да направат значаен пробив на пазарот. Настапот на алтернативни, поголеми, далечни пазари, изискуваат обем на понудена количина на производ што домашните компании не секогаш се подготвени да ги изработат, истакнува Азески.

Проблематична реализација

Стопанствениците што ги анкетираше Дојче веле коментираат дека иницијативата е добра но проблематична за реализирање. Клучниот проблем според дел од нив е квалитетот и стандардите во производството кои се уште се на различно ниво кај компаниите:

„Предлогот е добар, но мислам дека во моментов е најважно да се фокусираме на заеднички настап на саемите. Онаму каде што има интерес да се претставуваме заедно но преку коморите. Од корист би бил и заедничкиот транспорт што и се прави, но дефинитивно е најважно да одиме на саемите“, коментира за Дојче веле Савка Димитрова директор на фабриката за кондиторски производи Европа.

Со сличен став е и Александар Ивановски, директор на фабриката Бонум која се занимава со производство и преработка на овошје и зеленчук. Клучниот проблем што би ја кочел реализацијата на оваа иницијатива според него се стандардите:

Grüne Woche Mazedonien
Бизнисмените предлагаат заеднички настап на саеми во странствоФотографија: DW/ Silvera Padori

„Како идеја е добра за да се развива понатаму, но во моментов мислам дека не може да профункционира. Кај нас има повеќе капацитети но проблемот е што тие се на различно ниво на развиеност. На пример да се здружиш за да настапуваш во Германија, покрај ИСО 22000 или Хасап потребен е ИФС стандард. Но во моментов ние сме единствена компанија од нашата бранша која пред еден месец го доби тој сертификат. Второ, нивото на развиеност на фабриките. Јас можам да гарантирам за моите производи, но не и за останатите. Идејата е добра но далеку сме од тоа. Имаше идеја за македонски производ под една етикета, но кој ќе го прави тоа. Во таков случај треба да се ангажираат други експерти кои што заедно ќе направат стратегија која би функционирала“, смета Ивановски.

Помали трошоци

Од Агенцијата за странски инвестиции, која е надлежна и за промоција на извозот, сметаат дека иницијативата е одлична и ќе им помогне на компаниите да го зголемат извозот. Оттаму велат дека здружениот извоз ќе им помогне на фирмите да ја зголемат конкурентноста но и да ги намалат трошоците при транспортот , осигурување, складирање, репрезентација и услуги, а исто така и да го дисперзираат ризикот. Според директорот на агенцијата Висар Фида придобивките ќе бидат главно за малите и средни претпријатија и оние кои имаат мало искуство со извоз, но исто така и големите фирми кои на овој начин би можеле да развиваат проактивни извозни стратегии кога влегуваат на нови непознати пазари:

„Имајќи предвид дека најголем дел од претпријатијата кои се активни во Република Македонија спаѓаат во групата на мали и средни претпријатија, а постојат одредени земји каде Македонија е конкурентна во одредени сектори но истите се големи за да бидат опслужени од една компанија, ваквиот начин на здружување исто може да претставува дополнителен бенефит и да придонесе за здружено освојување на нови пазари и придобивање на нови клиенти. Агенцијата и до сега работи на промотивни настани на кои се промовираат групи на компании од таргет секторите и искуството од работа на вакви настани покажало дека компаниите се спремни да соработуваат таму каде што има потреба и каде што сите може да имаат дополнителна корист. Бидејќи една од нашите главни функции претставува зголемувањето на извозот и пласирање на Македонските производи на меѓународниот пазар, подготвени сме да ја помогнеме и оваа иницијатива доколку го побараат тоа компаниите“, вели Фида.

Заеднички бренд наместо производ
Како еден од позитивните примери за здружен настап на странските пазари е здружението „Вина од Македонија“ кое ги обединува најголемиот дел од винариите во земјата. Здружението главно организира промоции и заеднички настап на странските пазари. За чекор понапред се уште е рано конкретно да се зборува, вели за Дојче веле Ѓорѓи Петрушев директор на здружението:

Weinanbau in Mazedonien
Производство на вино во МакедонијаФотографија: dpa


„Се уште не сме стигнале до фаза да направиме заеднички производ. До сега работиме на создавање на единствен бренд и препознавање на Македонија како винска земја. Но во рамките на тоа, винариите кои што заеднички ќе настапат потоа поединечно склопуваат зделки. Можеби и ќе се случи еден ден, но се уште не сме во фаза да понудиме брендирано заедничко вино на пример Вранец од Македонија или слично. Има идеи, размислувања но се уште е можеби рано за тоа да се случи“, вели Петрушев.

Од Комората сметаат дека е потребен и заеднички настап на компании од регионот на трети пазари, учество на меѓународни тендери, надминување на проблемите со транспортната инфраструктура и побрзо подобрување на железничкиот, патниот и водниот транспорт, заедничко финансирање на производството и трговијата, обука на кадри, поголемо искористување на средствата од ЕУ фондовите.

Македонија над 90 отсто од извозот реализира на пазарите на ЕУ и членките на ЦЕФТА. Но, и во рамките на овие економски групации има висока концентрација на извозот само во неколку земји. Скоро половина од извозот во ЕУ е насочен кон четири земји (Германија, Грција, Италија и Бугарија), додека пак, 90 проценти од извозот во земјите на ЦЕФТА, отпаѓа на Србија, Косово и до неодамна Хрватска.