1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се подобри македонскиот извоз

22 декември 2010

Трговската размена на Македонија со странство расте, но земјата никако да излезе од зоната на длабок дефицит. Фирмите бараат поголема и поконкретна поддршка од државата и обезбедување добра бизнис клима.

https://p.dw.com/p/PnPp
Претпријатијата бараат подобри условиФотографија: DW

Податоците за размената за периодот јануари-септември годинава покажуваат дека Македонија извезла стоки во вредност од околу две милијарди, а увезла производи вредни 3,3 милијарди долари. Дефицитот од 40% покажува дека македонската економија е доминантно зависна од увозот. Како тоа да се смени? Експертите кои ги консултираше Дојче веле не се големи оптимисти дека нешто драстично може да се направи на многу краток рок. Главниот проблем според нив не е само во конкурентноста на македонските производи, туку и во самата држава за која сметаат дека мора да ја поттикнува и поддржува оваа важна економска гранка.

Mazedonien Land und Leute Fabrik Nähbetrieb in Bitola
Фотографија: Nikos Pilos

Потребна е ефикасна национална стратегија за извоз

Универзитетскиот професор Марија Зарезанковска-Потевска смета дека секоја влада, без разлика од која политичка опција доаѓа, треба да стори повеќе на овој план. Таа смета дека е многу важно да се има ефикасна национална стратегија за извоз, која би ги утврдувала приоритетите. Државата според нејзе мора да ги поддржува производителите за подобрување на извозот, процес кој смета дека ќе се раздвижи, но на подолг рок.

Компаниите кои се главнно насочени кон извоз на своите производи се свесни дека успехот зависи пред се‘ од нивната способност да произведат квалитет со кој можат да се носат на странските пазари. Сепак и тие бараат поголема и поконкретна поддршка од државата и обезбедување услови за добра бизнис клима. Бизнисменот Илија Гечев, сопственик на фабриката ИГМ од Кавадарци посочува дека секоја компанија треба да свати дека Македонија е мал пазар и мора да размислува за извоз без што нема економски развој. Сепак тој додава дека е многу важна улогата на државата, која освен што ќе поддржува треба да се грижи да создаде добра бизнис клима.

Развој на инфраструктурата во земјата

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески пак смета дека мора да се работи на отворање на алтернативни пазари и рзвој на инфраструктурата во земјата. Бизнис заедницата бара да се склучи договор за Слободна трговија со Русија и отворање кон источните пазари. Сето ова според Азески би било залудно ако истовремено не се работи на изградба на железничката пруга кон Бугарија и разговори за поефикасна поврзаност со Солунското пристаниште, од каде се извезуваат околу 90% од македонските производи.

Mazedonien Land und Leute Industrie Feni Nickelhersteller
Фотографија: Petr Stojanovski

Бизнис заедницата покрена иницијатива за промена на сегашниот модел на економски развој. Предложија сет мерки за зголемување на извозот, како клучен фактор за пораст на производството и вработеноста. Преку јавни дебати се бара вистинскиот модел, кој подоцна преку сет мерки ќе се достави до владата од која ќе се бара поддршка. Професорот Зарезанковска смета дека за да биде успешен многу е важно овој проект да добие и институционална поддршка, пред се преку промоција на македонскиот извоз.

Статистичките податоци покажуваат дека Македонија и натаму најмногу извезува во ЕУ на чии пазари завршува 61% од вкупниот извоз на земјата. Во извозот и натаму најмногу учествува металургијата.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Жана Ацеска