1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се пие водата од морињата?

Бригите Остерат / Александар Методијев27 август 2012

Научниците развиваат нов начин на претворање на морската вода во вода за пиење. Солените супстанции се отстрануваат од водата со струја. По што „батеријада за отсолување“ на водата е подобра од претходните методи?

https://p.dw.com/p/15xF2
Фотографија: Fotolia/Elenathewise

Солената вода може да се пие, ако на неа се примени доволно силен притисок. Отсолувањето на водата засега оди вака: големите пумпи ја потиснуваат водата низ мембрана со мали отвори. Таа ја пропушта чистата вода и ја задржува солта. Оваа т.н. обратна осмоза функционира многу добро, но троши многу енергија. Токму на тоа работи Фабио Ла Мантија, менаџер за развој на Рурскиот универзитет во Бохум.

„Тоа е како акумулатор. Пропуштаме струја низ морската вода и така ги извлекуваме јоните на натриумот и хлорот“, објаснува тој.

Кога низ морската вода се пушта струја, хлорот оди кон позитивниот, а натриумот кон негативниот пол.

За сега во мини-формат

Пред научникот стои мала коцка од плексиглас со висина од околу четири сантиметри. Тоа е целиот апарат. Во него има електроди од јаглеродни влакна, широки околку еден сантиметар. Тие на едната страна се обвиткани со честички од сребро, кои го врзуваат хлорот и на тој начин создаваат сребрен хлорид. Тоа е позитивниот пол. На негативниот се наоѓа материјалот наречен натриум-манган-оксид.

Apparatur zur Meerwasserentsalzung
Апаратот-минијатура за отсолување на морската водаФотографија: Ruhr-Universität Bochum

Студентот на докторски студии Алберто Батистел ги мести електродите, а потоа зема шприц и ја полни комората со морска вода.

„За да отстраниме четвртина од готварската сол ни требаат 40 минути со струја со јачина од еден милиампер“, објаснува тој и се му препушта на компјутерот.

Крива линија на успехот

На апаратот нема движење, бидејќи „се придвижуваат само јоните, а тоа не се гледа, и материјалите на електродите не се менуваат во текот на процесот“, вели Ла Мантија. Во процесот нема ниту меурчиња. Вообичаено водата под дејство на струја се разложува на водород и кислород. Затоа Ла Мантија намерно користи многу низок напон. Единствен знак за успехот се дијаграмите на екранот. По 40 минути Бариста ги става електродите во свежа морска вода и пропушта струја во спротивен правец. Така електродите се ослободуваат од честичките на солта и се подготвуваат за следниот циклус.

Meerwasserentsalzung Natrium-Mangan-Oxid-Nanostäbchen
Натриум-манган-оксидот ги врзува натриумовите јониФотографија: Ruhr-Universität Bochum

Во моментов истражувачите отсолуваат мали количини на морска вода и за тоа им треба многу време. Тие успеваат да извлечат половина од солта. За солената вода да биде добра за пиење мораат да се отстранат 98 проценти од солта. Ла Мантија посакува подобри материјали.

„Среброто го успорува процесот без потреба. Сребрениот хлорид го блокира протокот на честички“, објаснува тој. И натриум-манган-оксидот на негативниот пол не може одеднаш да го собере целиот натриум. „Сега работиме интензивно на двата материјали“, додава Ла Мантија.

Дополнување, а не замена

Fabio La Mantia Forscher Ruhr-Universität Bochum
Фабио Ла МантијаФотографија: privat

Методата на батерија не може да се споредува со обратната осмоза, барем засега.

„Но, ова е добра појдовна точка. Навистина верувам дека мојата метода може да биде исто толку добра, можеби и малку подобра“, смета Ла Мантија и додава: „Мојата батерија за отсолување на водата функционира многу добро, кога водата е многу солена. Обратната осмоза функционира најдобро при ниски концентрации на сол“.

Кога водата е премногу солена е потребен силен притисок за да мине низ мембраната. Порите тогаш лесно се запушуваат, мембраните попуштаат и мораат да се заменат. „За тоа се потребни време и пари“, вели научникот.

Се планира комбинирање на двата методи – струјата да извлече 90 проценти од солта, а обратната осмоза уште осум. Но, за тоа да се случи претстои долг пат. Обратната осмоза се користи веќе со децении, а методата на Ла Мантија само една година.

„Споредуваме бебе со возрасен човек“, вели Ла Мантија, кого го чека многу работа додека неговото бебе да порасне.