1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Какви се ризиците по македонската економија од кризата во Грција?

29 јуни 2011

Можните негативни ефекти од грчката криза врз македонската економија се ограничени и засега не се очекуваат. Напротив, бизнис заедницата се надева дека фирмите поради кризата во матичната земја ќе се селат на побезбедно.

https://p.dw.com/p/11lSQ
Фотографија: AP/DW Fotomontage

Експертите предупредуваат, дека најзасеганти се малите грчки фирми кои имаат бизнис во Македонија. Тезата ја базираат на оценката, дека голем број компании ќе ги променат бизнис плановите за вложување во Македонија поради налетот на кризата во нивната матична земја.

Универзитетскиот професор Димитар Ефтимовски смета дека се на удар најмалите од стотиците грчки компании кои работат во банкарскиот, текстилниот, прехранбениот и други сектори во Македонија. „Полесните капацитети, за очекување е тие да станат мобилни, да го селат капиталот назад. Малите бизниси посебно во текстилната индустрија, каде што се вработени поголем број наши граѓани, многу е веројатно во идниот период да се очекуваат дисторзии на пазарот на труд“.

Mazedonien Land und Leute Fabrik Nähbetrieb in Bitola
Текстилна индустријаФотографија: Nikos Pilos

Со ваквата прогноза не се согласни луѓето од бизнис заедницата. Нивните очекувања се сосема спротивни. Дека кризата во Грција ќе ги поттикне тамошните фирми да го преселат бизнисот во соседството каде можат да се чуствуваат безбедно. Љубица Нури од Стопанската комора на Македонија вели: „Зошто би го вратиле во Грција, кога таму е неизвесно? Дефинитивно тие инвестиции ќе си останат тука, напротив ние можеме да очекуваме експанзија на грчките бизниси кон балканските земји“.

Силни релации во банкарскиот сектор

Освен инвестициите и трговијата, грчко-македонските економски релации се силни и во банкарскиот сектор. Гувернерот на Централната банка Димитар Богов вели дека банките со грчки капитал, што се дел од македонскиот финансиски систем се во добра кондиција.

Dimitar Bogov Chef der Zentralbank in Mazedonien
Шефот на НБМ Димитар БоговФотографија: Agentur Makfax

„Ниту Стопанска, ниту Алфа банка, не се потпираат на ликвидност од матичните банки, а ниту пак имаат можност да се изложуваат кон матичните банки, поради законските рестрикции, кои што постојат во Република Македонија. Тој минимум е десет проценти од сопствените средства, до кој лимит можат да се изложат кон матичните банки, меѓутоа ние го следиме внимателно“.

Според информациите на Дојче веле стопанските комори, кластерите и бизнис здруженијата, немаат сознание дека барем една фирма со грчки капитал го затворила или преселила бизнисот во Македонија поради кризата во Грција.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска