1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Какви санкции за грешниците?

7 мај 2010

Весникот „Ди пресе“ од Виена понуди преглед на можните мерки за заострување на одредбите на Пактот за стабилност на еврото, за во иднина да не може да се повтори криза во толкави размери како грчката.

https://p.dw.com/p/NGnq
Фотографија: DW-TV

Денеска (07.05.2010) ќе се одржи вонреден самит на ЕУ во Брисел. Германскиот канцелар Ангела Меркел ќе врши притисок за реформа на Пактот за стабилност на еврото, за во иднина да не може ниедна земја во таа мера да го загрози заедничкото европско платежно средство, колку сега Грција. Тоа го бараат и Комисијата на ЕУ како и многумина значајни економски експерти.

Весникот „Ди пресе“ од Виена понуди преглед на можните мерки за заострување на одредбите на Пактот.

Одземање на правото на глас

...е мерка што сега ја бара Германија за сите кои ќе имаат буџетски проблеми. Но, ова бара и промена на Договорот на Унијата. Експертите ја сметаат оваа санкција за поразумна, отколку паричните казни, предвидени со сега важечкиот Пакт за стабилност. Казните во износ и до половина процент од домашниот бруто-производ само дополнително ја влошуваат состојбата со буџетот на засегнатата земја. Привременото одземање на правото на глас има мало економско влијание, но е политички болно.

Гаранција со државен имот

...е санкција што ја предлага германскиот научник-економист Ханс-Вернер Зин од институтот „Ифо“ од Минхен. Таа предвидува земја, која со својот дефицит го крши Пактот за стабилност, во Брисел да испрати писмо за залог на долг рок, осигурано со конкретен државен имот - претпријатие, недвижности и слично. Заложничките писма нема да се сметаат во државниот долг.

Автоматски санкции

...се казнени мерки што би стапувале во сила веднаш штом една земја ќе го накачи дефицитот над утврдената граница од три проценти од домашниот бруто производ. Со тоа би било спречено во иднина поголемите земји, како пред некое време Франција и Германија, во Советот на ЕУ да спречат казнување.

Претходна контрола на буџетот

...е мерка што би овозможила Европската Комисија да биде вклучена веќе во планирањето на буџетот на земјите-членки. Така веќе не би можело да дојде до непријатни изненадувања. Брисел тоа одамна го бара, но многу земји на Унијата не сакаат да дозволат некој да им „гледа во картите“.

Sparstrumpf Deutsche sind Sparer
Фотографија: picture-alliance/dpa

Автоматска кочница за долгови

...е практика во Швајцарија, што сега се предлага и за примена во ЕУ. Таа овозможува дозволениот дефицит да не биде фиксиран на три проценти, туку владите би морале повеќе да штедат во години на добар стопански подем, а помалку во години на затегната економска ситуација.

Поголемо значење на државниот долг

...е уште една мерка што ја предлага Ханс-Вернер Зин: на државите со високо севкупно задолжување, како сега Грција и Италија, би им бил дозволен понизок годишен дефицит, отколку на земји со пониско задолжување, како Данска, на пример.

Исклучување од зоната на еврото

...е ултима рацио, последна опција против буџетските грешници за која размислуваат некои европски влади. Но, експерти предупредуваат дека исклучување на земја како Грција би му наштетило не само на еврото, туку и на заедничкиот внатрешен пазар.

Некои од овие мерки, на пример вклучување на Европската комисија уште во планирањето на буџетите на земјите-членки, можат да бидат спроведени без промена на Договорот на ЕУ. За други е нужна компликувана промена на Договорот со ратификација во сите земји-членки, што ја прави работата речиси илузорна. Економскиот експерт Фриц Бројс од Институтот за економски истражувања „Вифо“ ја релативизира потребата од нови, построги казни и вели: „Најтешкиот механизам на санкции во моментов ионака се случува на финансиските пазари. Секоја евро-земја во иднина ќе внимава да не ризикува слична судбина како Грција“.

Автор: „Ди пресе“/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска