1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каква беше ГДР?

Разговорот го водеше Габриела Шааф30 јануари 2009

Пресврт, промени, времето потоа - тоа се темите на писателот Инго Шулце, кој во интервју за Дојче веле зборува за своето лично доживување на ГДР и за „исчезнувањето на Западот“.

https://p.dw.com/p/GjJE
Инго Шулце, германски писател
Инго Шулце, германски писателФотографија: PA/dpa

Господин Шулце, како би изгледала Вашата лична слика за Германската Демократска Република (ГДР)?

Како би изгледала? Со многу книги, со стари куќи, со релативно многу време и многу средби во становите. Сметам дека тие приватни простории, станови, кујни, но и прошетки исто така, беа нешто многу маркантно. Кога се правеа посети, мораше долго пред тоа да бидат договорени. Или, пак, едноставно, ќе заѕвониш на врата и се надеваш дека таму има некого. Но, сите тие генерализирања веќе одат во насока кон клишеа.

Во германските фељтони сеќавањето на ГДР е повторно голема тема. „Ди Цајт“ пишуваше: „На Германците не им успева да се сеќаваат. Има лажење, молчење или спорење“. Точно ли е тоа?

Со секое ново искуство има и ново гледање врз минатото. Се рабира, има и противречни искуства, кои не можат да се обединат. Нема единствена вистина. Поради тоа сметам дека е многу добро што ја има уметноста: во некој расказ, во некоја песна или во театарска претстава вистините можат да стојат една до друга. Всушност, јас пишувам и поради тоа, оти веќе не би сакал да нудам генерализирање.

ГДР е земја која реално исчезна. Кога, на пример, одите низ Дрезден, градот на Вашето детство, што воопшто уште Ве потсетува на порано?

Обновената Фрауенкирхе во Дрезден
Фрауенкирхе во Дрезден, по реставрацијатаФотографија: AP

Пред две години отидов во Дрезден без да ги известам пријателите, едноставно само за да можам сам да одам низ градот. Беше отрезнувачки. Никогаш не давав парични донации за Фрауенкирхе, црквата посветена на Мајката Божја, но силуетата на зданието ми се допадна. Потоа стоев пред неа и се прашував: „Ох, боже, ова треба да биде центарот на Дрезден?“ Но, многу полошо беше она што во меѓувреме се создаде околу центарот, тој Дизниленд за туристи, со куќи изградени од бетон и со фасади од гипс. Тогаш одненадеж забележав: она што никогаш не го сакав, мешавината од дрезденскиот барок и сталинизмот, сепак уште некако беше архитектура, од неа можеше да се исчита една епоха, во неа немаше таква самоволност каква што владее сега. Сега во центарот на Дрезден се прави обид да се изгради земја од бајките, но всушност станува збор само за туризам и за собирање пари. Она што никогаш не го сметав за архитектура одеднаш се ревалоризира и стекнува речиси човечки лик.

Критикувавте дека и во архитектурата се врши голема чистка, односно дека таа се обидува да се надоврзе на старата традиција и на одреден начин сака да ги прескокне периодите на националсоцијализмот и на ГДР. Треба ли да се вратат статуите на Ленин за да се овозможи сеќавањето на ГДР?

Јас сум сосем задоволен што се отстранети старите статуи на Ленин. Но, апсурдно е, на пример, уривањето на Палатата на републиката. Во Берлин чувствувам вистинска омраза кон модерната. Добивам впечаток дека станува збор за обид да се прескокне директно од Царството во големата Сојузна република, и тоа се спроведува и во детали. Не би сакал да ги кренам на ниво на култ запуштените куќи и трагите од истрели на нивните фасади. Некако можам да го преболам тоа што се уриваат многу стари зданија, но го сметам за опасно она што се случува потоа - дека се’ повеќе исчезнува јавниот простор и се’ повеќе се создава комерцијален простор. На пример, Потсдамер плац во Берлин, таму има речиси само туристи, таму фактички веќе не оди ниеден Берлинец. Тоа веќе не е јавен простор, тој им е, така да се каже, доделен на фирми. И така е со многу работи. Според мене демократија е кога има некаков јавен простор. Во ГДР тој секогаш беше поврзан со државата. Но сега, кога има можност да се создаде вистинска демократска јавност, демократски јавен простор, сега трговците ја користат можноста и ги деградираат луѓето на потрошувачи.

Зборот Сомнеж (Zweifel) стои како светлечки натпис на покривот на поранешната Палата на Републиката во Берлин - фотографијата е направена на 28.01.2005
Зборот „сомнеж“ испишан со неонски букви на Палатата на Републиката пред уривањетоФотографија: dpa Zentralbild

Во една прилика рековте дека исчезнувањето на Истокот е помалку проблем за Вас, отколку исчезнувањето на Западот. Што мислите со тоа?

Мислам на комерцијализирањето на сите области на животот. Од сопствено искуство не можам да кажам како било на Западот во седумдесеттите или осумдесеттите години од минатиот век, но според се’ што слушнав, тогаш уште имало сосем поинаков стандард, сосем поинаква свест за социјална праведност. Од 1990 година, од кога го познавам Западот, и тој се’ повеќе се комерцијализира, а политиката се повлекува. Зошто не може на пример железницата да се направи да биде нешто добро за граѓаните на земјава? Би можело да се намалат цените на билетите и таа да стане еколошка сообраќајна алтернатива - зошто сега железницата мора да прави уште и добивка и поради тоа да се приватизира? Има многу работи што не сметам дека се добри во таквиот тренд и тоа ме прави гневен.

Инго Шулце е роден во 1962 година во Дрезден, живее како слободен автор во Берлин. Неговиот роман што пренесува слики од животот во источногерманската провинција „Simple Storys („Едноставни приказни“, 1998), многумина книжевни критичари го сметаат за исполнување на копнежот по дело што ќе сведочи за процесот на обединувањето. Новата книга на Шулце „Адам и Евелин“, трагикомедија од годината на пресвртот 1989-та, беше номиниран за Германската книжевна награда за 2008 година.