1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каиро пулсира малку понормално

8 февруари 2011

Владата и опозицијата во Египет продолжуваат со барање излез од кризата во земјата. Претседателот Мубарак прави натамошни отстапки, но илјадниците демонстранти и денеска (08.02) бараат оставка на претседателот.

https://p.dw.com/p/10Cry
Дел од демонстрантите спијат на плоштадот Тахрир во КаироФотографија: PHOTOSHOT

Египетскиот вице-претседател Омар Сулејман денеска за државната телевизија изјави дека претседателот Мубарак наложил основање Комитет кој би требало да направи подготовки за уставни промени. Промените би требало да се состојат во олабавување на условите за поднесување кандидатура на претседателските избори. Според Сулејман, се разгледува и временскиот план за мирна промена на власта, а освен тоа Мубарак ветил и дека демонстрантите нема да се гонат кривично.

Оние што протестираат, пак, и денеска се во центарот на Каиро и во други градови во земјата и го повторуваат барањето за оставка на Мубарак. Ова е трета недела од демонстрациите, а агенциите од Каиро јавуваат дека градот пулсира малку понормално отколку минатите денови. Граѓаните стојат во редици пред банките кои повторно се отворени, а на улиците се враќаат колоните автомобили. Сепак, граѓаните се и натаму претпазливи.

Ägypten Proteste Chaos Plünderung Flash-Galerie
Не може да мине никој што не ја знае лозинкатаФотографија: picture alliance/dpa

Се чуваат сами

Наместо отворени ресторани и клубови, деновите и ноќите во Каиро, минуваат со граѓански стражи, кои се еден вид заштита од грабежи и уништување. Еден од граѓаните стражари во квартот Гизе, вели:

„Се здруживме. Секој ја штити својата куќа и своето семејство. За жал, во оваа земја нема друго решение.“

Армијата им дава поддршка на ваквите приватни иницијативи. Луѓето кои стражарат се сомневаат дека меѓу ограбувачите кои шетаат по градот има избегани затвореници и поранешни полицајци:

„Напаѓаат куќи, ограбуваат, убиваат и силуваат. Во земјата владее паника. Мора да си помагаме и да се држиме заедно како народ“, вели друг граѓанин на Каиро.

Стражите се на смени, по осум часа. Жителите имаат добиено лозинки, и кој не ја знае лозинката не може да помине покрај граѓаните кои се чуваат себеси.

Автор: ЕМФ/ЖА/дпа/ртр/дв

Редактор: Горан Чутаноски