1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Казни за корумпираните лекари

Јулија Манке-Деск / Жана Ацеска3 јануари 2013

Дали некој лекар добива пари од фармацевтски концерн ако препишува одредени таблети? Дали лекарот добива нешто ако одам во аптека која ми ја препорачува? Дебатата за корупција кај лекарите во Германија се разгорува.

https://p.dw.com/p/17Cux
Фотографија: Fotolia/Minerva Studio

Државните здравствени фондови бараат воведување можност за казнување на приватните лекари доколку примат мито или користат други поволности. Во јуни минатата година Врховниот суд констатираше дека засега не постои можност за изрекување казна. Истовремено, судиите и‘ сигнализираа на политиката да ги затвори законските дупки. Министерот за здравство Даниел Бар се‘ уште нема одлука по ова прашање. Неговата портпаролка вчера (02.01.2013) изјави дека тука не гледа никаков притисок, зашто материјата е комплексна.

Всушност, комплексно е и здравството. Постојат можности за стекнување предности. Адвокатот Малте Пасарге, раководител на антикорупциското здружение „Про хоноре“, за пример ја зема соработката меѓу аптеките и лекарите. На пример, лекар го праќа пациентот болен од рак по лек во аптека во истата зграда во која е ординацијата. Кај овие пациенти лековите имаат вредност и до илјада евра. Аптеката може да се заблагодари за препораката, исплаќајќи му дел од добивката или преземајќи ги тековните трошоци за ординацијата или за персоналот. Повторно тема е и соработката на лекарите со фармацевтските концерни.

„Постои извесна пракса во здравството, здравственото стопанство во меѓувреме е најголема бранша кај нас во Германија, поголема и од автомобилската“, вели Пасарге.

Symbolbild Arzt verschreibt Medikament Korruption
Фотографија: Fotolia/LUCKAS Kommunikation

Поединечни случаи или епидемија?

Колку е раширена корупцијата меѓу лекарите е тешко да се утврди. Доказите се тешки за собирање, вели адвокатот Пасарге. Тоа се открива најчесто случајно, при проверката на даночната пријава. Јенс Спан, експерт за здравство од Христијанско-демократската унија, во разговор за „Франфуртер алгемајне цајтунг“ изнесува претпоставка дека постојат илјадици случаи. Дека не се работи за одделни случаи, уверен е и Волфганг Водарг, поранешен пратеник на Социјаледмократската партија во Бундестагот, а сега експерт за здравство во Транспаренси интернешнл.

„Криминолозите сметаат дека случаите на корупција во здравството ја надминаа бројката во областа на градежништвото“, вели Водарг.

Единствено судовите на честа во покраините можат да ги казнуваат корумпираните лекари и дури да и‘ ја одземат дозволата.

„Тоа речиси никогаш не се случува“, вели Улрих Монтгомери, претседател на Сојузната лекарска комора за Дојче веле. Димензијата на случаите не била толку голема.

„Но, постоеја високи парични казни“, додава тој.

Лекарската комора не врши евиденција за бројот на постапките на сојузно ниво. Во областа на Северна Рајна Вестфалија, која ги опфаќа и градовите Келн и Диселдорф, од најновата статистика за 2011 произлегува дека на ниту еден лекар не му е одземена дзволата за работа, седуммина платиле парична казна во висина до три илјади евра, а некои поминале со предупредување.

Монтгомери гледа простор за акција, но не во областа на кривичното или социјално право:

„Лекарските судови на честа се добар инструмент, кој можеби треба малку да го заостриме“.

На лекарските комори и на судовите на честа мора посебно да им се олесни водењето истрага. Делумно ни малку не е лесно доаѓањето до документи и информации, истакнува Монтгомери.

Symbolbild Ärzte Korruption
Фотографија: Fotolia/gwolters

„Врие“ на тема корупција

Пасарге во разговорите со болниците и другите претпријатија во областа на здарвството констатирал постоење желба за транспарентност. Темата во последните пет години доби на значење. Тој смета за потребно промена на законите. Други земји, како Велика Британија или САД, се отидени уште подалеку. Но, потребно е и изострување на свеста за оваа проблематика кај лекарите. „Ми се чини како лекарите да не ја сфаќаат сосем вистински темата корупција“, вели Пасарге.

Транспаренси интернешнл во меѓувреме работи на обработка на новите податоци. Неодамна организацијата успеа да дојде до документите и студиите за воведување нови лекови. Фармацевтските концерни ги плаќале лекарите за вршење проверка на дејството на нови лекови, биле вообичаени плаќања и до 200 евра по пациент. Во 2010 година Сојузното здружение на лекарите и здравствените фондови биле пријавени 183 вакви студии, делумно и со над илјада пациенти. Водарг претпоставува дека лекарите во многу студии не требало да достават никакви податоци, туку дека само добивале пари за препишување одредени лекови. Водарг смета дека 90 проценти од студиите за следење на делувањето на лекот се само обична измама.