Кадима ја напушти владејачката коалиција во Израел
18 јули 2012Центристичката израелска партија Кадима ја напушта владејачката коалиција на премиерот Бенјамин Нетанјаху поради неуспехот да се постигне договор во рамките на владата за намерата ортодоксните Евреи да бидат задолжени да служат во армијата. Предлозите на премиерот Бенјамин Нетанјаху, според кои ултра-ортодоксните Евреи ќе можат да бидат повикани на отслужување на воениот рок дури по навршени 23 години, за Кадима не беа доволни.
Партијата бара обврската за служење во армијата да важи за сите длабоко религиозни Евреи исто како и за останатите граѓани на Израел и тоа од 18-та година од животот.
Ултра-ортодоксните Евреи се ослободени од служење на воен рок од основањето на израелската држава во 1948 година. Врховниот суд на Израел меѓутоа во февруари донесе историска пресуда во која се изјасни против ваквото ослободување.
Одлуката Кадима да се повлече веројатно нема да доведе до распаѓање на Владата. Владата на Нетанјаху и без пратениците на Кадима и натаму има тесно мнозинство во израелскиот парламент - Кнесетот.
Партијата Кадима се присоедини кон владејачката коалиција пред два месеца токму со цел да се стави крај на десетгодишната практика ултра-ортодоксните Евреи и израелските Арапи да бидат ослободувани од воена служба. Набљудувачите проценуваат дека сега на Израел му претстојат предвремени избори.