И Турција го протера египетскиот амбасадор
23 ноември 2013Во политичкиот спор меѓу Египет и Турција дојде до дополнителна ескалација. Портпаролот на египетското министерство за надворешни работи, Бадр Абдел Ати денеска изјави дека владата во Каиро ќе го повлече својот амбасадор од Анкара. Тамошното дипломатско претставништво во иднина треба да биде раководено од вршител на должноста амбасадор. Покрај тоа турскиот амбасадор во Каиро Хусејин Авни Ботсали би требало да го напушти Египет, порача Бадр Абдел Ати.
Во одговор на мерката од Каиро, предмалку и официјална Анкара го прогласи за персона нон грата египетскиот амбасадор во земјата.
Во изминатите месеци постоеше голема напрегнатост во односите меѓу Каиро и Анкара, бидејќи труската влада го критикуваше начинот на кој на почетокот на јули годинава беше соборен од власт демократски избраниот претседател на Египет, Мохамед Мурси. Владата на турскиот премиер Реџеп таип Ердоган соборувањето на Мурси од страна на армиското раководство во повеќе наврати го означи како нелегитимен воен пуч. По насилното растурање на протестните кампови на Муслиманските браќа во Каиро во август годинава, во кое загинаа стотици луѓе, критиката од Анкара стана уште погласна. Официјален Каиро постојано ги отфрлаше критиките како мешање во внатрешните работи на земјата.