1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И севернокорејскиот диктатор ќе ужива во Бундеслигата

М. Смајиќ/Б. Георгиевски13 септември 2012

Севернокорејската државна телевизија веќе од следната недела ќе почне со преноси од натпреварите во Бундеслигата. Деталите од договорот се’ уште не се познати, но интересот на севернокорејците е очигледен.

https://p.dw.com/p/167jQ
Фотографија: dapd

„Бундеслигата е прва меѓународна лига која ќе се гледа во Северна Кореја“, изјави Јерг Даубицер, директор на компанијата која ги продава правата за гледање на Бундеслигата во странство. Тој не ги наведе финансиските детали од договорот, ниту пак одговори дали ќе бидат пренесувани мечеви од првата или од втората лига. Се знае само дека мечевите ќе ги пренесува пропагандниот канал KCTV.

Позадината за големиот интерес на Северна Кореја за германскиот фудбал е веројатно ангажманот на напаѓачот Чонг Тесе во второлигашот Келн. Оттука сосема е можно KCTV почесто да се одлучува за преноси на натпреварите од втората лига, имајќи предвид дека тие и временски повеќе и’ одговараат за разлика од мечевите од првата лига кои вообичаено почнуваат во саботите од 15 часот и 30 минути.

Веројатност дека настапите на Чонг Тесе ќе го диктираат изборот е дотолку поголема што тој ужива статус на супер-ѕвезда во земјата. За потсетување, Тесе е фудбалерот кој на Светското првенство во 2010. година плачеше како „мало дете“ за време на интонирањето на државната химна.

Chong Tese Fußballspieler 1. FC Köln
Чонг ТесеФотографија: picture-alliance/dpa

Постигнатиот договор се смета и за политички значаен. „Тоа што Бундеслигата успеа да влезе во една затворена земја е многу позитивен знак“, изјави за „Вол Стрит Џрнал“ Вил Лемке, амбасадор на добра волја и советник за спорт на генералниот секретар на ОН. Лемке се надева дека со преносите од натпреварите ќе се подобри и состојбата во односите со изолираниот режим на диктаторот Ким Џонг Ун.

Благодарение на договорот со една јапонска агенција, натпреварите од Бундеслигата во меѓувреме можат да се следат во 205 земји од вкупно 209 колку што има членки во ФИФА. Мечевите не се пренесуваат единствено во Пакистан, Авганистан и Нов Зеланд, а од почетокот на оваа сезона ниту во Италија, поради неуспехот да се постигне договор околу цената со „Скај“.