1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И на Косово се дебатира за универзитетските плагијати

Бахри Цани / Елизабета М. Фиданоска11 мај 2013

Обвинувањата за плагијат на докторскиот труд на германската министерка за образование Анете Шаван и нејзината оставка, предизвикаа дебата и на Косово за состојбата со образованието и плагијатите.

https://p.dw.com/p/18W9c
Фотографија: pizuttipics/Fotolia

Тие би требало да бидат пример за другите - косовскиот министер за образование Раме Буја и ректорот на универзитетот во Приштина, Ибрахим Гаши би требало да се првите кои доборовлно ќе ги дадат своите докторски трудови на проверка. Повиците во јавноста за проверка на докторските трудови станаа особено силни откако Универзитетот Диселдорф на почетокот на годинава и‘ ја одзеде докторската титула на германската министерка за образование Анете Шаван. Дури и пратеници од владејачката Демократска партија на Раме Буја апелираа до министерот за образование да ја даде на проверка својата дисертација.

Во разговор за ДВ тој ја сигнализира својата согласност: „Подготвен сум за проверка на мојата и на другите докторски трудови. Треба да го земеме како пример случајот на германската министерка за образование Анете Шаван и да почнеме таква акција овде.“

Премногу докторски трудови за толку мала земја

Официјално, од крајот на војната на Косово во 1999 година, во оваа млада држава се доделени 416 докторски титули. Критичарите сметаат дека е тоа премногу за една земја со помалку од два милони граѓани. Има и обвинувања дека на Косово цути трговија со дисертации и други дипломски работи. Косовскиот печат на почетокот на март пишуваше за одделни лица и организации кои пишуваат дисертации и други научни трудови кои им ги продаваат на нарачателите. Сепак, конкретни докази за ваква трговија се‘ уште нема.

Rame Buja
Раме Буја, косовски министер за образованиеФотографија: DW

Министерството за образование знаеше за ова, вели министерот Раме Буја. „Веднаш основавме Комисија за контрола и ја испративме кај такви лица и организации. Сепак, излезе дека била пружана само техничка помош при составувањето на дипломските и докторските трудови.“

На универзитетот во Приштина студентите сами поттикнаа дебата околу плагијатите и квалитетот на студии. Една од главните точки на критика е дека на универзитетот нема доволно квалификувани професори. Квалитетот на студии страда пред се‘ поради огромниот број студенти. Во 2003 година во Приштина имаше 27.000 студенти, а денес има повеќе од 100.000.

Образовните проблеми имаат и историски корени

Освен тоа, како што критикува професор Дукаѓин Поповци од Приштинскиот универзитет, „некои професори трчаат по политичарите за да им дадат докторска титула“. „Тие се надеваат дека тие, или нивните деца, потоа за возврат ќе добијат некаква услуга од страна на овие политичари.“ Поповци не верува дека на Косово има многу плагијати, но квалитетот на завршните трудови, во најголемиот дел случаи, е слаб.

Universität Pristina
Универзитетот во ПриштинаФотографија: Mimoza Cika Kelmendi

Недостигот на квалитет во образовниот систем на Косово се должи делумно и на историјата на младата држава. Поради конфликтот со Србија во 1990-тите, косовските Албанци развија еден вид паралелен систем. Наставата на албанските ученици и студенти се одвиваше во приватни објекти, неретко дури и во подруми, изолирано од наставата на српското население. Албанските ученици, наставници, студенти и професори, често не само што имаа лоши услови за работа, туку беа изложени и на шиканирање од страна на српската полиција и власт.

Нов софтвер против плагијати

По крајот на војната, прв предизвик беше да се изгради неопходната инфраструктура. Со оглед на тоа што денес за децата во речиси секое село има нови училишни згради, отсега ќе треба повеќе да се разговара за квалитетот на наставата, бара Буја. Според негово мислење, многу брго ќе дојде „часот на вистината“ и за докторските трудови.

Symbolbild Plagiat
Нарачан е софтвер за откривање плагијатиФотографија: picture-alliance/Jan Haas

„Имаме договор со австриската влада за дигитализација на докторските трудови и нарачавме и софтвер против плагијати“, вели министерот за образование Буја, најавувајќи: „Тој наскоро ќе биде инсталиран и ќе може да ги контролираме сите книги, дипломи и докторски трудови.“ Со тој софтвер може да се утврди дали делови од некој докторски труд се преземени од збор до збор од други извори.